По двонеделниот карантин, десеттемина независни експерти ќе ги испитуваат вработените во истражувачките институти, болниците и пазарите за морска храна во Вухан, каде што се претпоставува дека се појави коронавирусот
Експертскиот тим на Светска здравствена организација денеска пристигна во кинескиот град Вухан, каде што кон крајот на 2019 година беше пријавен првиот случај со новиот коронавирус, за да го истражи потеклото на пандемијата.
Експертскиот тим во Вухан ќе биде околу еден месец, вклучително и двете недели карантин.
Тимот од десет независни експерти го предводи Петр Бен Ембарек, експертот на СЗО за животински болести кои преминуваат на други видови.
Виетнамскиот биолог Хунг Нгујен, кој е дел од тимот, истакна дека не очекува опструкции на работата на групата во Кина.
Експертскиот тим на СЗО по двонеделниот карантин ќе ги испитуваат вработените во истражувачките институти, болниците и пазарите за морска храна во Вухан, каде што се претпоставува дека се појави коронавирусот.
Првично експертскиот тим на СЗО требаше да пристигне во Кина на почетокот на јануари, но властите во Пекинг не се согласија веднаш да го одобрат нивното пристигнување.
Разговорите со кинеските власти за оваа посета траат уште од јули минатата година.
Во меѓувреме, Кина го регистрира најголемиот скок во бројот на нозозаразени во пандемијата во изминатите десет месеци, бидејќи бројот на заразени во североисточна провинција Хејлонџајанг минатата недела речиси тројно е зголемен, со што се зголемија и стравувањата кај здравствените работници пред кинеската нова година на 12 февруари.
Националната здравствена комисија денеска соопшти дека во последните 24 часа во земјата се регистрирани 138 нови случаи на коронавирус, наспроти 115 ден претходно, што е најголем скок од 5 март, јавуваат британските медиуми.
Во меѓувреме, едно лице починало, што е прв смртен случај во најнаселената земја во светот од средината на мај минатата година.