Тимот на Светската здравствена организација (СЗО) што замина во Кина за да го истражува потеклото на коронавирусот од денеска ќе може да ја почне истрагата, со оглед дека вчера заврши двонеделниот карантин по нивното пристигнување во земјата.
Тие прво ќе се сретнат со кинеските научници, а потоа на ред ќе бидат и посети на лаборатории, пазари и болниците во Вухан. Конкретно, за двонеделниот престој во Кина, меѓу местата кои ќе ги посетат експертите од СЗО се пазарот за трговија со морски плодови каде наводно за првпат беше регистриран коронавирусот, понатаму Институтот за вирусологија во Вухан, Центарот за контрола и превенција на болести …
„Прво ќе се сретнеме со нашите колеги, ќе разговараме за планот што го имаме тука во Вухан. Среќни сме што ги гледаме нашите кинески колеги во живо, по серијата онлајн состаноци“,
изјави Марион Копманс, вирулог од Холандија.
Теа Фишер, која е дански член на тимот, очекува дека со посетата на пазарот ќе имаат увид дали тоа место е епицентарот на вирусот или е само местото каде се засили неговото ширење.
„Можеме да започнеме со вистинската работа на терен и моето очекување е дека ќе имаме непречен пристап до бараните дестинациите и поединци. Мора да се спомене дека успехот на оваа наша мисија 100% зависи од пристапот до релевантни избори. Без разлика колку сме компетентни, колку работиме и колку камења ќе превртиме, успехот е можен само ако имаме поддршка и од Кина“,
изјавила Фишер во телефонски разговор во „Ројтерс“.
Разговорите на СЗО со кинеските власти за оваа посета започнаа уште од јули минатата година. Првично експертскиот тим на СЗО требаше да пристигне во Кина на почетокот на јануари, но властите во Пекинг не се согласија веднаш да го одобрат нивното пристигнување. На 14 јануари тимот влезе во земјата, по што беше во двонеделен карантин.