Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска ги обвинија Бабовски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски дека не преземаат ништо
Нема да се појави недостаток на свинско месо во земјава, тврди директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски, откако беше откриен случајот со афринската чума на најголемата фарма во Општина Карбинци, во која треба да се уништат 9 000 свињи откако беа потврдени неколку позитивни случаи.
Одговарајќи на новинарски прашања, директорот на АХВ тврди дека со уништувањето на овие животни на конкретната фарма, македонскиот пазар ќе го изгуби само вишокот свинско месо што се користел во преработувачката индустрија и можеби ќе се почувствува мал недостаток. Нема потреба, вели Бабовски, да се манипулира дека по овој случај на африканска чума ќе се зголеми цената на свинското месо.
„Нашата држава е увозно независна, ќе се почувствува можеби мал недостаток. Затоа нема потреба од манипулирање со цени и зголемување на цените на свинското месо, бидејќи нашите производители на свинско месо ги задоволуваат потребите. Остануваше одреден вишок, којшто одеше во преработувачката индустрија и сега тој вишок ќе го изгубиме“,
истакна Бабовски.
Тој посочи дека со „африканската чума“ сега по првпат е зафатен еден поголем објект, додека досега сите случаи биле изолирани и во помали земјоделски објекти.
„Во ова жариште, со првичните испитувања, откако се појавија првите смртни случаи кај свињите, откриени се девет позитивни случаи. Меѓутоа се работи за болест што нема вакцина, ниту терапија“,
рече Бабовски.
Според него, ситуацијата е под контрола и од овој случај не треба да се прави политикантство.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска ги обвинија Бабовски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски дека не преземаат ништо.
„Африканската свинска чума се шири со епидемична брзина, речиси 10.000 свињи ќе бидат уништени, а Бабовски наместо да се затскрива зад соопштенијата на АХВ, веднаш да излезе и да одговори: Дали е свикан Националниот центар за контрола на болести и дали е одржан координативен состанок за оваа состојба? Кои мерки за сузбивање и искоренување на болеста ги има спроведено Локалниот центар за контрола на болести во изминатите 8 дена? Дали е направен план за депопулација на одгледувалиштето? Дали во одгледувалиштето има смртност и кој е процентот на угинати животни од моментот на прогласување на жариштето? Колку животни се угинати и каде се отстранети тие лешеви? Дали е извршено епидемиолошко истражување и дали од заразеното одгледувалиште по изрекување на забраната за движење има пратено свињи за колење?“,
праша денеска Цветан Трипуновски, претседател на комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, во врска со уништувањето на свињите, МИА вчера објави дека на вонредна седница на Советот на Општина Карбинци е донесена одлука да се копа јама во атарот на село Горно Трогерци. Во моментов и локалната власт, месното население и претставниците од АХВ чекаат одлука каде ќе се копа јамата. Пред три дена жителите на селата Таринци и Нов Карорман не дозволија градежните машини да копаат јама во близина на Индустриската зона.