Пред денешното гласање во Собранието, во текот на расправата за збор се јави пратеникот Сали Мурати од „Европски фронт“, кој забележа дека има административни грешки во биографијата на Мери Дика Георгивска. Претседателот на Судскиот совет, Алекандар Камбовски, рече дека се работи за очигледна техничка грешка, која веќе е исправена во Судскиот совет, но рече дека не знае зошто исправката не е доставена до Собранието
Со 64 гласа „за“ и без ниеден „против“ или „воздржан“, пратениците на денешната 97. собраниска седница ја избраа Мери Дука Георгиевска за нова уставна судијка.

Пред денешното гласање во Собранието, во текот на расправата за збор се јави пратеникот Сали Мурати од „Европски фронт“, кој забележа дека има административни грешки во биографијата на Мери Дика Георгивска. Тој побара точката да биде повлечена од дневен ред, а заедно со исправениот предлог до пратениците да бидат доставени дипломата, уверението за положен правосуден испит и доказите за стаж на кандидатката.
„Првата противречност е хронолошки невозможна ситуација. Во предлогот буквално стои дека кандидатката дипломирала на Правниот факултет при УКИМ на 16.09.1987 година, а правосудниот испит го положила на 18.02.1987 година. Тоа значи дека кандидатката положила правосуден испит седум месеци пред да дипломира, што е невозможно бидејќи правосудниот испит не може да се полага без претходно стекната диплома. Значи, чекате еден Сали Мурати да го открие ова, а ниту Комисијата за прашања на изборите и именувањата, ниту службите во Собранието не го забележале. Дали доликува во биографијата на една истакната правничка да стои ваква грешка?
рече Мурати.
Втората противречност, додаде пратеникот, е работното искуство пред дипломирањето.
„Во истиот предлог стои дека кандидатката своето долгогодишно искуство го започнала како адвокатски приправник од 1 ноември 1985 година, а дипломирала во 1987 година. Тоа значи дека стекнала правно работно искуство речиси две години пред да ја стекне дипломата по право. Станува збор за кандидат за уставен судија. Мора да бидете внимателни при подготовката на ваков предлог. Оваа констатација, вака напишана, е правно и фактички неодржлива. Се повредува владеењето на правото и принципот на правната сигурност“,
додаде пратеникот од опозициската коалиција „Европски фронт“, објаснувајќи дека забелешките не се критика кон кандидатката, туку кон несоодветно подготвениот предлог.
Претседателот на Судскиот совет, Алекандар Камбовски, рече дека се работи за очигледна техничка грешка, која веќе е исправена во Судскиот совет, но не знае зошто исправката сè уште не е доставена до Собранието.
По изборот, Мери Дика Георгиевска даде свечена заклетва пред пратениците во Собранието, со што и официјално ја презеде функцијата судија на Уставниот суд. И покрај нејзиниот избор, Уставниот суд повторно останува некомплетиран, бидејќи во меѓувреме неотповиклива оставка од функцијата поднесе судијата Гоце Наумовски.
Инаку, Мери Дука Георгиевска, актуелна претседателка на Апелацискиот суд Скопје, беше предложена за уставна судијка од Судскиот совет уште во март годинава, кога изборот беше меѓу неа и нејзината колешка од скопска Апелација, Елизабета Дуковска, која не ја доби поддршката на членовите на Судскиот совет. Мнозинството членови на Судскиот совет, во аргументацијата за своето одлучување, тогаш како клучно го наведоа тоа што Дуковска нема непрекинат стаж како редовна судијка од 20 години, како што бара Законот за судски совет.
Иако Судскиот совет ја утврди Георгиевска како кандидатка за уставна судијка на 25 март годинава, точката остана заглавена во Собранието. Иако оттогаш се најде двапати на дневен ред во Собранието, не беше разгледана поради, како што информираа од Собранието, отсуство на предлагач на предлогот од Судскиот совет.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, тогаш за „360 степени“ изјави дека само еднаш добиле известување од Собранието за одржување на седница на која оваа точка ќе се најде на дневен ред, но дека тогаш бил службено отсутен и не можел да присуствува и да го образложи предлогот пред пратениците.
