Владејачката партија ја обвинува опозицијата за хипокризија и двојни стандарди велејќи дека локалната власт целосно потфрлила во справувањето со кризата со загадената вода
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на дело ја покажува својата хипокризија, кога станува збор за ситуацијата во Гостивар, бидејќи лидерот Венко Филипче молчи и не бара одговорност од своите функционери, се вели во соопштението на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат оти Филипче во предизборието јавно повикувал на поддршка и мобилизирал луѓе да гласаат за Валбон Лимани, иако токму локалната власт во Гостивар, чиј дел се СДСМ, ДУИ и Арбен Таравари, целосно потфрлила во справувањето со кризата со загадената вода за пиење.
„Факт е дека локалната власт не успеа навремено да го заштити здравјето на граѓаните, поради што Владата и државните институции мораа итно да интервенираат. Беше обезбедена пакувана вода, беше воспоставено снабдување со вода за техничка употреба, а во најкус можен рок ќе се создадат услови водата повторно да биде безбедна и за пиење“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат оти СДСМ нема никаков кредибилитет да зборува за одговорност сè додека ги игнорира неуспесите на сопствените функционери и им дава целосна амнестија и го обвинуваат раководството на опозицијата дека секојдневно држи лекции за морал и бара оставки од сите останати, но молчи кога треба да побара одговорност од својот кандидат кој управува со гостиварската општина.
„Време е СДС да престане со лицемерието и да покаже дека законите, моралот и одговорноста важат еднакво за сите, а не само кога тоа им носи политички поени“,
заклучуваат од владејачката партија.
