На наредните рочишта за овој предмет ќе се сослушаат уште десетина сведоци по предлог на ексминистерот за транспорт и врски
Неколку сведоци на ексминистерот Миле Јанакиески денеска во Основниот кривичен суд во Скопје тврдеа дека не добивале инструкции за протестите и за настаните од 27 април 2017 година во Собранието, за кои тој е еден од обвинетите за организацијата.
Поранешниот претседател на ДИК, Оливер Дерковски, кој во тој период беше вработен во УЈП и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, сведочеше дека бил член на вибер-групи од различни причини, но ниту во една не бил контактиран во врска со настаните од 27 април 2017 година.
Со речиси исти одговори пред судот настапија уште неколку сведоци, членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Другите сведоци, пак, кои имале и партиска функција сведочеа дека немало партиска одлука во врска со иницијативата „За заедничка Македонија“ и протестите, како и за настаните поврзани со 27 април. Меѓу нив беа Владимир Нелоски, поранешен претседател на УМС, актуелниот пратеник од Струга и, исто така, експретседател на УМС, Јован Јаулески, актуелниот шеф на кабинет на Мицкоски, кој во тој период бил претседател на месен комитет во Аеродром, Златко Перински, тогашниот претседател на Општински комитет Гостивар, Лоран Страшевски…
На наредните рочишта за овој предмет ќе се сослушаат уште десетина сведоци по предлог на Јанакиески, по што судскиот процес ќе продолжи и со изведување негови материјални докази.
Покрај Јанакиески, за организацијата на настаните од 27 април 2017 година во Собранието обвинети се и ексминистерот Спиро Ристовски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Сите се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во истрагата беа осомничени и експремиерот Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК, Никола Бошкоски, но тие ќе станат обвинети кога ќе бидат достапни за органите на прогонот.