Судскиот процес за „Рекет“ денеска треба да продолжи со испитување на нови сведоци предложени од првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13. Од неговата листа на сведоци остануваат само уште неколку лица откако на минатите рочишта беа сослушани повеќето од предложените, а тројца беа повлечени како предлози.
На минатото рочиште во средата, во судницата на предлог на Боки сведочеа хирург вработен во Систина кој ги правел операциите за намалување на килажата на обвинетиот и личниот возач на Јовановски. Одбраната го прогласи докторот за непријателски сведок, а возачот зборуваше за патувањата, за блискоста на Боки со Зоран Милески-Кичеец и Камчеви, за денот на апсењето…
Претходно, пак, во судница се појавија стилистот Сергеј Варошлија, кој зборуваше дека со оглед на тоа што обвинетиот бил „инфлуенсер“ добивал подароци од познати модни брендови за да ги рекламира. Зборуваше и дека од летото 2018 г. интензивно се дружеле со Зоран Милески-Кичеец, кој исто така беше обвинет, но призна вина и доби три години затвор.
Сведочеа и Марија Јанковска, сопственичка на продавница за оптика во Скопје и Алекс Кртов, сопственик на галерија. Јанковска рече дека патувала со Боки, а бидејќи бил познат, неретко му подарувала очила за да го рекламира нејзиниот бизнис. Во иста насока сведочеше и Кртов, кој рече дека во станот на Боки однел осум уметнички слики од домашни автори, кои потоа сакале да ги рекламираат на 1ТВ.
Преку ваквите искази, одбраната на Боки најверојатно алудираше на доказите на обвинителството дека биле запленети многубројни парчиња гардероба, очила и други модни додатоци, како и скапи уметнички слики. Од нив, на минатите рочишта се презентираа и фотографии, а обвинителството посочуваше дека преку нив го докажува делото перење пари.
На претходните рочишта сведочеше и адвокатот Васил Димишков, брат на судијката на претходна постапка Весна Димишкова, која постапува во предметот „Империја“ каде што осомничен е Орце Камчев.
Кога станува збор за повлечените сведоци, на едно од минатите рочишта беше соопштено дека адвокатот на Боки, Сашко Дускоски ги повлекува од листата на сведоци бизнисменот и ексградоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, синот на осомничениот бизнисмен во „Империја“, Цветан Панделевски, Дејан, и сопругот на пратеничката Фросина Ременски, Јовче.
По испрашувањето на сведоците на Јовановски, „Рекет“ ќе продолжи со сослушување на оние кои ги предлага поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Нив ги има вкупно 13 и меѓу нив се поголем дел од обвинителите кои работеа во СЈО.
Во овој предмет Јовановски е обвинет за примање наградата за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластувања
Беше обвинет и Зоран Мически-Кичеец, но на првото рочиште што се одржа на 3 декември минатата година, тој призна вина за делото примање награда за противзаконито влијание и доби три години затвор.