Стилистот Сергеј Варошлија, пријател на првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13, денеска се појави во судница да сведочи по предлог на одбраната на Боки.
Тој раскажуваше дека неговиот пријател често добивал подароци од модните брендови бидејќи го сметале за „инфлуенсер“, а зборуваше и дека Боки бил близок со баба му Евгенија, за која нагласи дека му оставила материјални добра за да го обезбеди.
Понатаму во своето сведочење Варошлија зборуваше и за познанствата со Ана Камчева и Зоран Милески-Кичеец.
„Ана Камчева ми е позната зашто ми била клиентка со години, а Зоран Милески го знам од градот. Потоа, во август 2018, почна интензивно да доаѓа во телевизијата и се дружеше со нас. Милески доаѓаше речиси секој ден, не само во телевизијата туку и кај Бојан дома, одевме на ручеци, вечери. Еднаш дојде со Ана Камчева. Не можам да посочам датум, знам дека беше крајот на ноември-декември 2018, беше приквечер зашто само што ја завршив емисијата. Сум бил присутен и еднаш кога дојдоа Камчева и Милески во домот на Бојан во Орман, јас излегував и се поздравивме на разминување“,
кажа Варошлија, кој на прашање на адвокатот Сашко Дуковски рече дека не забележал дека носеле нешто со нив.
Сведокот зборуваше и за прославата на роденденот на Кичеец на 5 јануари 2019.
„Ми се јави Бојан и ми рече дека му е роденден на Зоки и сака да чести ручек. Бевме во еден ресторан, таму имаше и други луѓе, беше и Ана Камчева. Причината зошто бевме во ресторан е тоа што Милески сакаше да го слави роденденот вечерта во домот на Орце Камчев, но Бојан не сакаше да оди таму“,
рече Варошлија.
Тој се потсети и на 15 јули – денот кога Боки беше уапсен на граница кога тие двајца заедно со Лила Стојановска, Анета Кочишки и возачот патувале кон Грција на одмор, каде што со авион требало да одат на Миконос.
Меѓу запленетите работи што биле во џипот, рече Варошлија, не биле сите на Боки, туку имало и негови и на возачот.
„Мислеа дека сè што е брендирано е на Бојан“, рече Варошлија кој потоа во изјава пред медиумите тврдеше дека Боки не сакал да избега и наведе дека имале резервирано хотел за седум дена и платени повратни авионски билети.
Варошлија на крајот од сведочењето одговараше и на неколку прашања на обвинителката Вилма Русковска, која го праша дали знае дека таа одамна се познава со мајка му и баба му на Боки, Евгенија, и дека одела кај нив.
Таа го праша и дали знае дека има фискални сметки од шопинг на брендирани парчиња облека, а тој одговори дека не рекол оти сè што имал Боки е подарено. Околу ова прашање одбраната имаше приговори, а настана и мала расправија во која обвинетиот ѝ дофрли на обвинителката да не му вика на сведокот, а таа понатаму му возврати на неговиот адвокат Сашко Дукоски со истите зборови додека тој приговараше на повисок тон: „Не дерете се“.
Судењето за „Рекет“ продолжува утре, за кога се повикани двајца сведоци на предлог на Боки.
Неговиот адвокат претходно на рочиште ги повлече предлозите да сведочат изнисменот и ексградоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, синот на осомничениот бизнисмен во „Империја“, Цветан Панделевски, Дејан, и сопругот на пратеничката Фросина Ременски, Јовче.
*Поврзани вести
Тодоровиќ, Панделевски и Ременски нема да сведочат во „Рекет“