Адвокатот Васил Димишков ми кажа дека сум под ПИ-мерки и ми понуди за 100.000 евра да бидам соработник. Ми понуди и да ми издејствува поблага мерка, но јас одбив.
Вака Орце Камчев денеска го започна сведочењето за случајот „Рекет“. Тој говореше за настаните што му претходеле на предметот „Империја“ и тоа го илустрираше со три понуди: од адвокатот Димишков, брат на судијката на претходна постапка Весна Димишкова, посредникот Зоран Милески-Кичеец и бизнисменот Ванчо Чифлиганец.
За контактот со Димишков рече дека бил преку директор на една банка, а средбата била во болницата „Систина“.
„Адвокатот ми кажа дека сум ставен на ПИ-мерки, и ако сакам да бидам соработник треба да му исплатам 100.000 евра за првата информација. Втората понуда што ми ја даде беше дека може да влијае да се издејствува поблага мерка. Ми ја даде и скалата за секоја мерка колку чини. Слушав, се насмеав и му одговорив дека ќе му кажам за некој ден. По некој ден, преку директорот на банката, му кажав дека апсолутно не сакам да разговарам на таа тема бидејќи немам направено кривично дело“,
рече Камчев на почетокот на сведочењето.
Тој потоа објасни дека откако предметот „Империја“ бил конструиран во август 2018 година од Бојан Јовановски добил понуда да соработува на неколку проекти и да плати реклама во1 ТВ.
„На средбата со Јовановски присуствуваше и Зоран Милески, кој ми кажа дека Бојан Јовановски е влијателно лице во Македонија и дека треба да платам реклама во неговата телевизија. Јас ја замолив директорката на маркетинг да се рекламираат, по што имаа средба. Но Бојан Јовановски бил навреден од понудата од 40-50.000 евра. Милески ми пренесе дека Бојан е лут и навреден од понудата“,
рече Камчев.
Следната средба со Јовановски за која денеска зборуваше Камчев била за бизнис-проект за, како што рече, „фешн молови“.
„Го слушав и тие работи не ми беа некако реални. Им реков да ми ја дадат понудата и да ми кажат дали имаат локација. Тој ми ја посочи локацијата на бивша ‘Асиба’ во Карпош. Но, ми кажа дека нема никакви контакти со Богоев (градоначалникот на Карпош – н.з.) и дека јас треба сам да преговарам со компании за да обезбедам земјиште. Вкупната понуда беше 4 милиони евра, плус проценти. Му реков дека не работам со молови, но тој тогаш ја сврте последната страница и ми рече да видам дека е потпишан Лазар Јанев, тоа е синот на Катица Јанева и дека би било добро да размислам за да немам проблеми“,
раскажуваше во судницата Камчев.
Третата понуда до Камчев од Боки 13 стасала преку Милески и таа била за проектот за старски домови.
„Повторно седнавме, разговаравме, знаеше дека имам некоја локација во Карпош. Донесоа нивни бројки кои беа ‘копи-пејст’ од некоја друга држава. Но проценив дека целиот проект би бил загуба од 10 милиони евра и го откачив“, рече Камчев додавајќи дека од следните јавувања од Милески дознал дека Боки 13 му е лут и му се заканувал дека има медиум преку кој може да плука против него и неговиот бизнис.
Камчев рече дека во септември 2018 година му платил на Боки 13 180.000 евра, еден дел преку „Систина“, а друг дел преку агенцијата на „Орка холдинг ОК медиа“.
По ова Камчев тврди дека Боки објавил слика со обвинителката на Инстаграм со порака дека се подготвува нешто големо.
„Тоа беше најава дека се спрема нешто големо, зашто не сум ги исполнил желбите на Јовановски“,
кажа Камчев пред судот.
Во денешното сведочење Камчев ја спомена и обвинителката Лиле Стефанова, која и во СЈО и сега го води предметот „Империја“ во кој Камчев заедно со уште неколкумина е осомничен за перење пари. Камчев тврди дека Стефанова преку, како што го нарече близок пријател, Ванчо Чифлиганец барала објект од него за нејзината ќерка во зградата „Пегла“ во Кисела Вода, што Стефанова и Чифлиганец го негираа.
„Сите три барања за ‘Рекет’ од моја стана беа одбиени, зашто немам кривично дело и тоа ќе го докажам“,
рече Камчев.
Камчеви се први од листата сведоци кои ги предлага обвинителката Вилма Русковска, а нивните искази во судница ќе ги слушаат само двајца од обвинетите, Бојан Јовановски-Боки 13 и ексшефицата на СЈО, Катица Јанева, бидејќи третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец призна вина и доби три години затвор.
Камчев е еден од бизнисмените кои се осомничени во истрагата „Империјата“ и според обвинението за „Рекет“ од него биле земени пари за тој да добие полесен третман во случајот. Јанева се товари за злоупотреба на службената положба и овластувања, а нејзините активности, според воведните зборови на Русковска, биле тоа што таа на Јовановски му откривала детали од истрагите со цел тој потоа од осомничените да бара огромни суми пари за постапките да завршат со условна казна, на име на државата да се плати незначителен износ на пари, а во најдобар случај, бизнисмените да не бидат обвинети туку заштитени сведоци.
Неговото сведочење е во тек.