Кај нас се создава сомнеж дека овој судски процес оди во насока за да се заборави настанот, а со тоа вистината и правдата да не излезат на виделина, реагира брат на еден од загинатите. Револтирани сме, рече и татко на еден од настраданите патници порачувајќи дека супервештачењето нема ништо да промени туку со него, смета тој, само се купувало време

Сомнежи, но и револт дека судскиот процес намерно се одолговлекува за да се утврдат виновници за кобната автобуска несреќа кај селото Ласкарци, изразија денеска дел од роднините на настраданите патници.
Тие, заедно со обвинителот, обвинетите и нивните адвокати денеска по подолго време седнаа во судница бидејќи конечно по една година откако беше нарачано, се изготви супервештачењето од машински и сообраќајни инженери.
Судскиот процес денеска само формално почна од почеток бидејќи странките се согласија само да се прочитаат досега изведените докази, па судењето продолжи онаму каде што застана – изведување на супервештачењето. Судијката Дијана Груевска-Илиевска ги прочита броевите на двете супервештачења (едно од машински, едно од сообраќајни инженери) и имињата на вештаците, па бидејќи странките бараа тие лично да се појават во судница и да сведочат, а инженерите не можеле да се усогласат денеска сите да бидат присутни, рочиштето беше одложено за в четврток. За тогаш, рече судијката, вештаците ветиле дека ќе се појават сите заедно.
Повторното одложување, рече еден од роднините, создава сомнеж дека се одолговлекува со цел да сеќавањата да избледат и да не се дознае вистината.
„После четири години од трагедијата со 16 починати и повеќе од 30 наши сограѓани со тешки повреди и трауми, одржани 107 судски рочишта, приближно толку откажани, супервештачење кое го чекавме повеќе од една година и кога денес требаше да се појават вештаците кои не дојдоа, повторно ни создава сомнеж дека овој судски процес оди во насока да се избегнат сеќавањата и да се заборави и со тоа да не се даде можност вистината и правдата да излезат на виделина. Што се однесува до денешното рочиште на кое требаше да бидат вештаците и да ги објаснат заклучоците, иако уредно поканети, тие не се појавија. После ова се остава простор за сомнеж. Иако за во четврток судот рече дека се согласиле да бидат присутни вештаците, додека не се одржи како рочиште не можеме да бидеме сигурно“,
рече пред медиумите Синиша Ристовски, брат на Дејан, еден од загинатите во несреќата.
Револтирано пред новинарите зборуваше и Благојче Трпевски, татко на настраданиот Јовица Трпевски. Супервештачењето кое се чекаше една година, вели тој, нема ништо да промени и смета дека со ова само се одолговлекува процесот што кај нив создава револт и сомнеж дека целта е да се избегне правдата.
Вештачењето што го изведе обвинителството, нагласи тој, е професионално и е на повеќе од 2 000 страници, за разлика ова што го нарача судот кое е на 50-60 страници.
„Како да веруваме кога четири години ја чекаме правдата?! Четири години! На 13 февруари оваа година се прави четири години. Колку време треба да помине за ние конечно да ја добиеме правдата? На 50-60 страни да се прави супервештачење една година и судот тоа да го толерира со изговор дека нема ресурси, а тие го наложија тоа супервештачење. Од претходните институции беше направено страшно професионално супервештачење, и од Машинскиот и од Електротехничкиот и од Сообраќајниот факултет, на повеќе од 2 000 страници. Ова нема ништо да промени, ова е само купување време на обвинетите, мислат дека ќе ја избегнат правдата. Не, нема да ја избегнат, правдата ќе ги стигне и ќе одат во затвор затоа што убија 16 луѓе и 30 и повеќе се повредени, некои со трајни последици, врзани за количка“,
рече Трпевски.
Супервештачењето беше нарачано на 21 декември 2021 година. Судот го испрати предметот до Бирото за супервештачење, откако двете страни во овој судски процес – обвинителството и одбраната доставија свои вештачења. Претходно Техничкиот факултет во Битола одби да го изврши вештачењето поради недостиг на стручни лица.
Крајот на декември 2022, супервештачењето конечно пристигна во судот откако претходно беа испратени десетина ургенции.
Автобуската несреќа се случи на 13 февруари 2019 година кога автобус на „Дурмо турс“ кој возеше на редовна линија Скопје-Гостивар излета од автопатот во близина на селото Ласкарци. Загинаа 16 патници, а 37 беа повредени. Обвинети во овој судски процес се шест лица: сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, како и тројца вработени во станицата за технички преглед. Првите тројца се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека останатите за соучество во истото дело.