Пред Сунак, во Бакингемската палата кај монархот ќе отиде Лиз Трас за и официјално да ја поднесе оставката по точно 49 дена на функцијата
Новиот лидер на британските конзервативци, Риши Сунак, утре официјално ќе ја преземе премиерската функција од неговата претходничка Лиз Трас.
Како што е случај и со сите претходни премиери, Сунак официјално ќе стапи на функцијата по аудиенцијата што ќе ја има кај монархот. Тој ќе биде првиот што ќе формира влада во ерата на кралот Чарлс Трети, кој на тронот ја наследи неговата мајката, кралицата Елизабета Втора која почина на 96 годишна возраст на 8 септември годинава.
Според агендата што ја најавија британските медиуми за утрешното примопредавање на власта, Лиз Трас во 9 часот по локално време ќе одржи состанок со членовите на нејзината влада, по што во 10:15 часот ќе излезе пред новинарите на „Даунинг стрит“ за да ја даде својата последна изјава како премиерка.
Потоа, Трас ќе отпатува во Бакингемската палата на прием кај кралот Чарлс Трети за и формално да ја поднесе оставката по точно 49 дена на функцијата.
По ова, веднаш се очекува на аудиенција кај монархот да пристигне Сунак кој на овој начин и формално ќе го добие мандатот за да состави влада.
Околу пладне, новиот британски премиер ќе пристигне пред своите канцеларии на „Даунинг стрит“ број 10, а пред да влезе ќе го одржи и својот прв говор пред новинарските екипи.
Вечерва Сунак го имаше своето прво обраќање како лидер на Конзервативната партија и иден премиер. Тој го започна со оддавање почит на Трас за нејзиното достоинствено лидерство под тешки околности, како во меѓународни така и во домашни рамки. За преземањето на лидерската позиција кажа дека е почестен што ја добил поддршката од неговите колеги пратеници.
„Најголема привилегија во мојот живот е да можам да ѝ служам на партијата што ја сакам и да ѝ возвратам на земјата на која ѝ должам толку многу“,
рече Сунак.
Велика Британија, посочи идниот премиер, е одлучна земја, но се соочува со големи економски предизвици, па затоа повика на стабилност и единство.
„Ветувам дека ќе служам со интегритет и понизност“,
рече Сунак.
Риши Сунак ќе биде 57. премиер на Велика Британија. Првиот кој има азиски корени, еден од најбогатите премиери досега, но и најмладиот што го имала оваа земја уште од 1812 година.