Богатството на Сунак и неговата сопруга која е ќерка на индиски милијардер, се проценува на 730 милиони фунти. Тој ќе важи и за премиер со најбрзорастечка кариера – за да стигне од пратеник до премиер му беа потребни само седум години

Риши Сунак ќе биде 57. премиер на Велика Британија. Тој на функцијата ќе ја наследи Лиз Трас која си поднесе оставка по 45 дена на власт. Под претпоставка дека примопредавањето на функцијата ќе се изврши утре, Трас како премиерка ќе служи точно седум недели или 49 дена.
Со тоа таа влегува во историјата како најкраткотрајниот британски премиер, а место во историјата има и за Сунак и тоа според неколку аспекти.
Тој ќе биде првиот британски премиер со азиско потекло. Син е на имигранти кои имаат индиски корени, а во Обединетото Кралство имигрирале од Источна Африка.
Неговиот татко бил општ лекар, а неговата мајка работела во аптека. Риши го додиле во 1980 година, а денеска со неговите 42 години тој ќе влезе во историјата и како најмладиот премиер што го имала Велика Британија од 1812 година.
Во споредба со неговите претходници, според анализата на „Би-би-си“, тој има најбрзорастечка кариера од пратеник до премиер во модерната историја. Од денот кога стана пратеник, до доаѓањето на премиерската функција поминаа само седум години. До неа тој доаѓа од вториот обид.

Претходно, тој влезе во трката и за наследник на Борис Џонсон, издржа до крај во внатрепартиската борба кога за тоа одлучуваа пратениците од Конзервативната партија, но загуби од Лиз Трас во финалното гласање кога одлучуваа сите партиски членови.
Пред да дојде до државна функција тој работел за познатата инвестициска банка „Голдман Сакс“, како и во два хеџ-фонда – посебен вид инвестициски фонд кој ги инвестира парите на богатите поединци и организации. Негова сопруга е Акшата Мурти, ќерка на индискиот милијардер Нарајана Мурти. Имајќи ја предвид „нивната заедничка тежина“, парот се проценува дека „тежи“ 730 милиони фунти (околу 840 милиони евра). Со тоа, тој е и еден од најбогатите премиери што некогаш ги имала Велика Британија.
Во врска со неговата сопруга, Сунак го следеа и контроверзии. Изминатото лето се соочи и со критики дека таа не платила данок на приходите од странство – што не е нелегално. Сепак, иако не е задолжително, по критиките Мурти решила да плаќа и дополнително даноци.

Кога станува збор за неговата политичка кариера, меѓу последните функции беше на чело на Министерството за финансии во владата на Џонсон, меѓутоа си поднесе оставка и беше еден од бројните функционери што се повлекоа по серијата скандали што го следеа поранешниот премиер, како што беа, забавите во текот на ковид-пандемијата. Низата оставки, беа причина подоцна и самиот Џонсон да се повлече. Како министер за финансии, пак, неговиот мандат го одбележаа мерките за справување со последиците од ковид-пандемијата.