Сугарески најави дека доколку е неопходно ќе се забрани транспортот на луѓе меѓу градови и села
Извозот и увозот на стоки во земјава од утре ќе се одвива само со посебни дозволи, информираше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Тој на денешната прес-конференција презентираше нови правила за транспортерите, со цел, како што рече, да се ублажи шокот од коронавирусот и да се нормализира транспортот на стока.
Со нив се задолжуваат компаниите, за влез и излез од државата, да обезбедат посебна дозвола за професионалните возачи на товарни возила, кои се придржувале кон посебниот здравствен и протоколарен режим донесен од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
„Бидејќи овие неколку дена имаше многу барања за дозволи, надлежните институции во неможност сите да ги изготват навремено, се усогласивме излез од државата да се прави само врз основа на базата на податоци што ја поседува Министерството за транспорт и врски и валиден сертификат. Но, потенцирам дека ваквата процедура ќе важи до утре. Од утре секој транспортер што ќе врши транспорт надвор од границите на државата ќе мора да ја извади оваа дозвола од Државниот санитарен и здравствен инспекторат“,
најави Сугарески
За да нема застој, министерот апелираше компаниите да ги вадат дозволите преку Асоцијацијата на транспортери.
Сугарески посочи дека заглавените превозници по граничните премини се вратени во земјава, но добиваат дојави за нови заглавени граѓани за кои уверува дека се бара решение.
Тој повтори дека за јавниот и меѓуопштинскиот превоз на патници донесена е одлука тој да се одвива со двојно помал капацитет, односно да има 2 метра растојание меѓу патниците. На новинарско прашање, пак, дали ќе има и забрана за превоз на луѓе меѓу градови и села, по примерот на други земји, Сугарески најави дека доколку е потребно и тоа дополнително ќе биде донесено како мерка.
Поврзани вести:
Ќе се укине царината за средствата за дезинфекција, маски, ракавици…