Владата ќе донесе одлука за автономни мерки за ослободување од плаќање на царина на суровини за медицински цели, најави директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски.
„Од плаќање на царина ќе бидат ослободени средствата за дезинфекција, заштитни маски и ракавици, очила и друга заштитна опрема“,
рече Танасоски.
Ќе има олеснување на царинската процедура и за снабдувањето на етилалкохол. Тој најави дека ќе се олесни регистрацијата на економските оператори кои користат етилалкохол.
„Побарани се итни законски измени за издавањето на одобренијата за акцизно повластено користење за етилалкохол кој се користи во аптеките или компаниите кои произведуваат дезинфекциски или други помошни и лековити средства. Обврската се одложува во траење од шест месеци“,
рече директорот на Царинската управа.
Дистрибутерите, пак, што имаат акцизни складови ќе се ослободат од процедурите за дополните евидентирање за следење на пратките во електронскиот систем.
„По барање на компаниите кои произведуваат вински дестилат-алкохол со јачина помеѓу 60 и 70 проценти, Царинската управа ќе му предложи на Министерството за здравство, ако квалитетот и составот го дозволуваат тоа, тој да почне да се произведува и дистрибуира за медицински цели или за производство на средства за дезинфекција. Царинската управа ќе ја регулира, контролира и ќе ја олесни постапката на производство и дистрибуција на алкохолот до крајните корисници“,
рече Танасоски.