На гаснењето на пожарот интервенираа пожарникари од Велес, Кавадарци, Неготино, пет доброволци од Неготино ангажирани преку Дирекцијата за заштита и спасување, како и четири огнени тимови на ДЗС со четири пинцгауери. На почетното гасење беа вклучени и трите „ертрактори“ на ДЗС и хеликоптерот на МВР
По околу 13 часа, доцна синоќа е локализиран и ставен под целосна контрола пожарот што вчера наутро избувна кај селата Долно Чичево и Горно Чичево во Општина Градско. На гаснењето на пожарот интервенираа пожарникари од Велес, Кавадарци, Неготино, пет доброволци од Неготино ангажирани преку Дирекцијата за заштита и спасување, како и четири огнени тимови на ДЗС со четири пинцгауери.

„Вечерва, на мое големо изненадување, пожарот е ставен по целосна контрола, а верувам дека набргу ќе биде изгаснат, бидејќи ова е последното дрво коешто сеуште е активно“,
рече доцна синоќа директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, во видеоизјава.
На почетното гасење на огнените јазици, рече Ангелов, беа вклучени и трите „ертрактори“ на ДЗС, а во интервенцијата подоцна се вклучи и хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи.
Командирот на велешката противпожарна единица Димче Јованов вели дека денеска наутро ќе биде направена уште една контрола на местото за да се утврди дека нема нови жаришта на пожарот.
„Освен огнот за нас, веќе немаме жив оган на овој голем пожар. Да се надеваме дека пожарот е локализиран и ликвидиран. Пожарот гореше високо по ридиштата на тешко пристапен терен. Но, благодарение на помошта на ТП Неготино, Кавадарци, доброволното друштво Неготино и МВР пожарот е целосно ликвидиран“,
рече командирот Јованов во видеоизјавата снимена од терен.
