Зеленски го опишал потегот како позитивен и силен, но не даде временска рамка за почеток на домашното производство

Претседателот на Украина Володимир Зеленски вели дека земјата добила потврда од Велика Британија дека може да продолжи со производството на ракети со долг дострел „SCALP“, пренесува агенцијата Анадолу.
Зборувајќи на прес-конференција во Киев, заедно со естонскиот претседател Алар Карис, Зеленски рече дека Франција, исто така, потврдила укинување на ограничувањата и издавање лиценци за ова оружје.
„Добивме потврда од Велика Британија во врска со производството на ракети со долг дострел ‘SCALP’. Пред тоа, разговаравме со францускиот претседател Емануел Макрон, кој потврди дека се деблокирани ‘SCALP’ и лиценците. Ќе дејствуваме“,
рече тој.
Зеленски го опишал потегот како позитивен и силен, но не даде временска рамка за почеток на домашното производство.
Тој рече дека Украина очекува да има распоред за проектот FREYJA, европско-украинска програма за развој на интегриран систем за антибалистичка одбрана, во рок од седум до 10 дена.
„Распоредот треба да ги вклучува претстојните состаноци, главните пречки и компаниите или земјите вклучени во нивното решавање“,
рекол тој.
Проектот FREYJA беше лансиран во јули од страна на Коалицијата за интегрирана антибалистичка одбрана, која вклучува десет земји: Украина, Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Данска.
Се очекува Украина да ја развие ракетата-пресретнувач и лансерот, додека европските партнери ќе придонесат со радари, сензори и други клучни компоненти. Киев изјави дека има за цел да има прототип на системот до средината на 2027 година.
Украинскиот претседател додава и дека Норвешка потврдила финансиска поддршка од 7,71 милијарди евра за Украина за 2027 година и дека би можела да помогне во финансирањето на канцеларија посветена на проектот FREYJA.
Тој вели и дека земјата се соочува со дефицит од 23,15 милијарди евра во својот буџет за одбрана и дека ѝ се потребни околу 8,57 милијарди евра за да се обезбеди достапност на оружје до почетокот на 2027 година.
