Ваквата околност денеска пред новинарите ја потврдија претседателите на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители, Сашко Георгиев и Антонио Јолевски. „Не сме дале мислење затоа што не побараа мислење од нас“, рече Георгиев. Неговиот колега од Советот на јавни обвинители, пак, одговарајќи на новинарско прашање, рече: „Јас не видов таков текст на Законот, или доцнел со доставата или не знам како беше. Битно е дека ние не го добивме, а Советот може да се произнесе од делокругот на своето работење. Ние се произнесуваме и по Законот за кривична постапка, сме добивале досега такви предлози, меѓутоа сепак ќе речам дека тука треба една работна група со оние што се директно инволвирани, а тоа се практичарите“
Судскиот совет и Советот на јавни обвинители воопшто не биле консултирани за контроверзните измени на Кривичниот законик, кои Владата „тајно“ ги утврди, а Собранието експресно по скратена постапка (со европско знаменце) ги донесе.
Ваквата околност денеска пред новинарите ја потврдија претседателите на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители, Сашко Георгиев и Антонио Јолевски.
Инаку, како што веќе ѝ е добро познато и на јавноста, со измените, меѓу другите, беше опфатен членот 353 за делото злоупотреба на службената положба и овластување и членот 354 за злосторничко здружување, за кои со најновите измени на КЗ се намалени казните и воведена е горна граница, што повлекува застарување на добар дел од делата по кои се гонат обвинетите во случаите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Како измените ќе се одразат на овие случаи и што понатаму неделава, според најавите оттаму, се очекува да расправа стручен колегиум на Јавното обвинителство во проширен состав.
Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, во врска измените на КЗ своите забелешки ги лоцира во делот на (не)транспарентноста и брзината со која биле донесени.
„По однос на сите овие актуелности каде што сме сведоци на низа реакции во јавноста по однос на измените на Кривичниот законик, јас само ќе потенцирам дека како Совет наоѓам забелешка во делот на транспарентноста, во смисла на чувството дека сето тоа некако се спроведе многу набрзина, без притоа да имаме свое учество, свое мислење како Судски совет. Сметам дека целисходно и правилно би било да имаше една транспарентна постапка каде што ќе се слушнеше и нашето мислење во однос на било какви измени“,
рече Георгиев на заедничката прес-конференција со својот колега од Советот на јавни обвинители по повод потпишувањето на Меморандум за соработка.
Одговарајќи на прашањето, тој рече дека се во тек и имаат активно учество со пакетот измени на Кривичниот законик што се во подготовка, а со кои се предвидува пропишување на нови кривични дела, но за неодамнешните измени кои предизвикаа лавина реакции во јавноста не биле консултирани.
„…И во целата состојба сме сведени на ситуација каде што судиите се должни да го почитуваат законот таков како што, но без претходно да се анализираат сите евентуални последици, врз основа на аргументирани состојби, на конкретни предмети. Мислам дека тука Советот треба да учествува со свое мислење и свој анализи“,
рече Георгиев.
На конкретно прашање, зошто не дале мислење за измените на КЗ, претседателот на Судскиот совет беше краток и јасен:
„Не сме дале мислење затоа што не побараа мислење од нас“,
рече Георгиев.
И претседателот на Советот на јавни обвинители, Јолевски, рече дека Советот не ги разгледувал измените на Кривичниот законик, притоа посочувајќи дека по однос на нив и како ќе се одразат „најдобро би било да одговорат практичарите“, односно Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
„Бидејќи практичарите по хиерархија и субординација се оние кои ги работат предметите и кои најмногу можат да извадат анализа како ќе се одрази на нивното работење ваквата измена на Кривичниот законик. Мислам дека тие можат да излезат со конкретни податоци со бројки, а ние како Совет (на јавни обвинители) немаме надлежност во тој дел, односно по конкретни предмети не постапуваме, постапуваме само по претставки и поплаки и увид во тековните предмети не вршиме. Затоа треба Јавниот обвинител на РС Македонија да се произнесе дали и колку ќе ги погодат ваквите измени, дали ќе ги погодат или пак, ќе придонесат кон некаква друга состојба. Анализата треба да ја направат тие“,
кажа Јолевски на прес-конференцијата.
Прашан за личен став околу ова прашања, и тој како и претседателот на Судскиот совет ја посочи транспарентноста при носењето на законските решенија.
„Веќе три години сум во Советот и не знам како тековно се одвиваат работите, меѓутоа сметам дека би требало да има поголема транспарентност при носењето и вклучување малку повеќе на практичарите пред да се донесат законите за изготвување на тие предлог законски решенија“,
рече Јолевски.
На забелешка на новинарите дека и Советот на јавни обвинители бил прескокнат во случајот, бидејќи обично се консултирани како тело, Јолевски рече дека не видел таков текст на Законот.
„’Консултираат’. Кај нас праќаат предлози, меѓутоа овој одеше по скратена постапка и не знам колку брзо може да се видат тие предлози. Јас не видов таков текст на Законот, или доцнел со доставата или не знам како беше. Битно е дека ние не го добивме, а Советот може да се произнесе од делокругот на своето работење. Ние се произнесуваме и по Законот за кривична постапка, сме добивале досега такви предлози, меѓутоа сепак ќе речам дека тука треба една работна група со оние кои се директно инволвирани, а тоа се практичарите“,
рече Јолевски.