Обвинети за злоупотреба на службена положба и за несовесно работење се поранешните директори на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и Наумче Мојсовски и претседателот на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски, потоа Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски
По промена на судечкиот совет, во Основниот кривичен суд Скопје денеска повторно започна судењето за злоупотреба на спортските ваучери за кое се обвинети 12 лица меѓу кои и поранешните директори на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и Наумче Мојсовски. Сите 12 обвинети на денешното рочиште изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Дел од одбраната денеска побара постапката да се прекине, имајќи ги предвид измените во Законот за спорт со кои, според нив, не постои правна основа за каква било злоупотреба. Според обвинителството, пак, освен предлог на нови докази, сѐ друго треба да се одбие и постапката треба да продолжи.
Дел од одбраната на обвинетите на денешното рочиште поднесоа прочистена листа на докази, а дел побараа да добијат препис од материјалните докази на обвинителството, за кои посочија дека не ги добиле.
„Со цел да може да подготвиме одбрана, потребно ни е да ни дадете препис од сите писмени докази наведени во листата на докази од страната на обвинителството, особено извештајот и анализа на Државниот завод за ревизија, конечниот извештај на ДЗР и двете известувања на УЈП. Без ова не сме во состојба да поставиме прашање на нашиот технички поддржувач, а со тоа реално и врз основа на закон да ја подготвиме нашата одбрана“,
посочија од одбраната.
Адвокатот Петре Шилегов, бранител на Каевски, побара од судот да ја прекине постапката или обвинителство да го повлече предлогот поради измените во Законот за спорт.
„Судот да ја прекине постапката или обвинителство да го повлече предлогот, имајќи предвид дека по поднесувањето на овој обвинителен предлог и по отпочнување на постапката на 12.8.2024 година Собранието на РСМ носи измени и дополнувања на Законот за спорт при што го укинува членот 14г што претставува правен основ за да зборуваме за каква било злоупотреба“,
рече Шилегов.
Во врска со барањето за препис од доказите, обвинителка Лидија Раичевиќ се произнесе дека тие предлози се апсолвирани во првичната расправа, односно дека доказите се доставени, на што дел од одбраната посочи дека биле вклучени во процесот непосредно пред расправата и ги немаат.
Во однос на предлогот на Шилегов за прекин на постапката, таа рече дека не е ништо друго туку, како што нагласи, показател дека се трошело време и се вложиле сериозни амбиции да се покаже максимум напор постапката да престане.
Промената на судечкиот совет следува откако судијката Ценета Бегтовиќ беше избрана за членка на Судскиот совет. Наместо неа, процесот ќе го води судијката Фросина Стојаноска.
Обвинети за злоупотреба на службена положба и за несовесно работење се поранешните директори на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски и Наумче Мојсовски и претседателот на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски, потоа Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски.