Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава за 28-годишен маж од струшкото село Велешта, кој физички нападнал полицајци при обид да го приведат за време на полицискиот час.
Од СВР Охрид информираат дека лицето ќе се гони по членовите 206 и 383 од Кривичниот законик, односно за непочитување на здравствените мерки во време на епидемија и за напад врз службено лице.
Освен тој, во текот на изминатото деноноќие забраната за движење на подрачјето на СВР Охрид ја прекршиле уште две лица.
„Во периодот од 07 часот на 9.4 до 7 часот на 10.4.2020 година, две лица (Охрид – 1, Струга – 1) не ја почитувале забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус ковид-19. Во истиот период, не се регистрирани собирања на граѓани, кражби и сообраќајни незгоди“.
стои во соопштението на СВР Охрид.
Оттаму додаваат дека непречено се одвива контролата на лица кои се под мерките задолжителен државен карантин, здравствен надзор и домашна изолација и задолжителна 14 дневна самоизолација.
Состојбата на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, пак, каде што е прогласена кризна состојба посочуваат дека е стабилна и не се констатирани прекршувања на мерките.