Шпанската влада се согласи да воведе вонредни мерки за заштеда на енергија поради енергетската криза што ја зафати Европа по руската инвазија на Украина
Сите згради во јавниот сектор, трговските центри, кината, канцелариите, хотелите, станиците и аеродромите нема да смеат да ја спуштат температурата под 27 Целзиусови степени во лето, додека во зима температурата нема да биде повисока од 19 степени, пренесува ХРТ.
Како што најави министерката за еколошка транзиција Тереза Рибера, мерките ќе важат до 1 јануари 2023 година, со што земјата ќе се обиде да ја намали потрошувачката на гас за седум отсто, јавува Радио Слободна Европа.
„Овој пакет мерки е неопходен во критична ситуација кога на Европа ѝ е потребна помош од Шпанија. Време е за солидарност“,
рече Рибера.
Шпанија ги презема овие мерки за да ги исполни обврските преземени со европскиот план за итни случаи договорен минатата недела.
Мерките воведени од Шпанија, исто така, бараат од бизнисите да ги држат вратите на објектите затворени со помош на автоматски систем кој мора да се инсталира до 30 септември. Како што појасни министерката, целта е да се избегне излегување на топол или ладен воздух.
Осветлувањето во неискористените канцеларии, излозите и спомениците мора да се исклучи по 22 часот, а проверките на енергетската ефикасност во одредени згради се задолжителни.
Рибера го повика приватниот сектор да го зголеми обемот на работа од дома.