Крешимир Пахоки (51) денеска е изведен пред истражен судија. Нема детали од распитот, а официјално сѐ уште не е познат ниту мотивот за шесткратното убиство во домот за стари лица
По вчерашното злосторство, кога поранешен хрватски бранител уби шест лица и уште толку рани во дом за стари лица, во хрватски Дарувар, утре (среда) е прогласен за Ден на жалост во градот.
Убиецот Крешимир Пахоки (51) на лице место усмртил пет лица, меѓу кои и својатa мајка, а уште еден човек им подлегнал на повредите во болница. Петмина од убиените биле жители на домот, додека една од жртвите била таму вработена.

Осомничениот набрзо по пукањето бил уапсен во кафуле во близина на објектот, а според полицијата, тој имал нерегистрирано оружје. Како што потврди полицијата за „Индекс“, масовниот убиец утринава бил сослушан и е спроведен во притвор.
Истражните органи соопштиле дека во законскиот рок ќе го спроведат доказното дејствие од првото вештачење и дека донеле решение за спроведување истрага.
Во последните 20 години полицијата три пати се справила со насилникот – еднаш за семејно насилство, а двапати за нарушување на јавниот ред и мир.
Официјално, засега не е е соопштено кој му бил мотивот на сторителот, но хрватските медиуми шпекулираат дека се работи за пари, односно заостанат долг за сместувањето на неговата мајка во домот.
Инаку, тринаесет станари од домот, од кои 11 се неподвижни, сега се сместени во Центарот за бранители во Дарувар и им е пружена секаква грижа, извести раководителот на Центарот, Дрен Сточек. Mеѓу повредените е и сопственикот на домот.