Од Антикорупциската комисија информираа дека ќе го следат целиот изборен процес и дека при сомневања дека се прекршува законот ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања.
Не се дозволени нови вработувања, ниту отпуштања во државни и јавни институции, а почнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случај на итни и неодложни работи, откако претседателот на Собранието ги распиша предвремените парламентарни избори, што ќе се одржат на 12 април.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), на својата веб страница, објави известување до министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва основани од државата и други институции…за ограничувањата што стапуваат на сила со распишување на изборите.
До завршување на изборот на пратеници и изборот на влада, не може да почне изградба на нови објекти во инфраструктурата со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал. Не може да почне изграба на патишта, водоводи, далноводи, канализации, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности, како училишта, градинки…, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година;
„Не може да исплаќаат плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати“ ,
стои во известувањето од ДКСК.
Од Антикорупциската комисија посочуваат дека итни и неодложни случаи се вработувањата на определено време заради замена на отсутен работник поради подолго боледување или отсуство, смрт на вработен, изведување сезонски работи за кои однапред е утврден потребниот број на лица и се обезбедени средства со годишните програми, како и вработување на определено време на наставен кадар за непречено одвивање на образовниот процес.
Ограничувања пред стартот на кампањата
Во периодот од 20 дена пред почнување на изборна кампања, па до завршување на изборот на пратеници и изборот на владата, објаснуваат од ДКСК, не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од буџетот или од јавни фондови. Тука спаѓаат и средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти.
„Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира, особено: давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање. За потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста. Забрането е вршење притисок и заплашување на гласачи или членови на нивните семејства или ним блиски лица“,
се појаснува во известувањето од ДКСК.
ДКСК ќе го следи целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува законот ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување.
„Непочитувањето на забраните утврдени во членовите 34 и 35 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и во членот 8-а и 8-б од Изборниот законик, ДКСК ќе ги смета за одговорност на одговорните лица на државните органи и други субјекти, а во случај на констатирани прекршувања и злоупотреби ќе преземе соодветни активности и мерки согласно закон“,
предупредуваат од ДКСК.
Во претстојниот период на спроведување на активностите поврзани со предвремените избори, се појаснува во известувањето, ДКСК согласно одредбите од новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси нема законски основ да дава мислења по доставени барања за мислења поврзани со начинот на постапување на министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторните тела, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата во текот на изборниот процес.