Генералниот секретар на НАТО ја нагласи потребата членките на Алијансата заедно да се справат со кризата
Додека европските лидери и САД се подготвуваат да се сретнат по првпат од почетокот на конфликтот, експертите истакнуваат дека овој ден има голема симболика – да покаже колку трансатлантската алијанса е силна да му се спротивстави на Путин
Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, пред денешниот самит на Алијансата во Брисел, изјави дека сојузниците ѝ дале поддршка на Украина за да ѝ помогнат во нејзиното „фундаментално право на одбрана“, но повторно истакна дека основната задача на воената алијанса е одбраната и заштитата на членките на НАТО.
Бидејќи Украина не е членка, Алијансата повеќепати повтори дека нема да испрати војници во земјата, иако го зголемува своето воено присуство во соседните земји членки.
Столтенберг вели дека лидерите на НАТО денеска ќе разговараат за одбраната на подолг рок.
„Првиот чекор е формирање четири нови борбени групи во источниот дел на Алијансата, во Бугарија, Романија, Унгарија и Словачка“,
рече тој.
Тој војната во Украина ја опиша како „најсериозна безбедносна криза во една генерација“, најавувајќи дека претседателот на Украина, Зеленски, денеска ќе им се обрати на лидерите на НАТО.
Тој ја нагласи потребата членките на Алијансата заедно да се справат со кризата.
„Сојузниците ќе треба да направат повеќе“,
рече Столтенберг и додаде дека очекува лидерите на НАТО да се согласат „да ги забрзаат инвестициите во одбраната“.
„Денешниот состанок ќе ја покаже важноста на Северна Америка и Европа да застанат заедно соочени со оваа криза“,
додаде тој.
Што може да се очекува од самитот?
Додека европските лидери и САД се подготвуваат да се сретнат по првпат од почетокот на конфликтот, експертите истакнуваат дека овој ден има голема симболика – да покаже колку трансатлантската алијанса е силна да му се спротивстави на Путин.
Главната работа што претседателот на Украина, Зеленски, ја бара е зона на забранети летови, но тоа не се случи бидејќи се зголемува ризикот од конфликт со Русија.
Затоа се очекува да се дознае повеќе за тоа каква поддршка ќе ѝ се даде на Украина за борба против евентуален хемиски или биолошки напад, на кој САД предупредуваат.
Генералниот секретар на НАТО го повика Путин да го запре „замавнувањето со нуклеарна сабја“, посочувајќи дека Русија едноставно не би можела да победи доколку има нуклеарна војна.
Единственото нешто што Путин рече дека не го сака е проширувањето на НАТО на руските граници.
НАТО најави, а тоа го потврди и утрово Столтенберг дека ќе има сили во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка – и сето тоа е дел од пораката што западната алијанса сака да ја испрати – дека тоа што Путин сака да го направи во една земја која не е членка на НАТО како Украина, тој сигурно тоа нема да се осмели да го направи на клубот од 30 земји.