Влијание на трети земји, вклучително и руско, постојат на Балканот, тие се обидуваат да најдат истомисленици, но тие не се ниту на приближно ниво на она што го поседуваат безбедносните служби и институции на НАТО за да направат дестабилизација, рече Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на заедничката прес-конференција во Скопје, оценија дека не постои воена закана од Русија по регионот и дека нема закани по безбедноста на ниту една земја членка на НАТО, вклучително и на Северна Македонија.
На новинарско прашање, како ја интерпретираат изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, дека Русија има план за воена дестабилизација на Балканот и дали стапиле во контакт со Киев со цел да добијат повеќе информации, премиерот Ковачевски беше дециден дека нема закани по безбедноста и стабилноста на нашата земја.
„Информациите што ги разменуваме со земјите сојузнички се дека нема закани по безбедноста и стабилноста на нашата земја. Ние и другите членки на НАТО се бориме против руското влијание во регионот. Ние сме членка на НАТО и верувам дека институциите си ја вршат работата. Влијание на трети земји, вклучително и руско, постојат на Балканот, тие се обидуваат да најдат истомисленици, но тие не се ниту на приближно ниво на она што го и поседуваат нашите безбедносни служби и институции и безбедносните служби и институциите на НАТО за да направат дестабилизација“,
рече Ковачевски.
И генералниот секретар на Алијансата нагласи дека не гледаат никаква воена закана од Русија.
„Не гледаме никаква воена закана од Русија, но внимателно следиме што прави. Ќе останеме присутни во регионот и подготвени сме брзо да се организираме и да се засилиме и да направиме сè за да го одбраниме секој наш сојузник. Сакам да испратам една порака до Русија, да продолжи да се воздржува од агресивни дејства против соседите и да ги прекине воените дејства против Украина“,
изјави Столтенберг заблагодарувајќи ѝ се на Северна Македонија за континуираната поддршка што ѝ ја дава на Украина.
Ова е прва посета на генералниот секретар на НАТО на Северна Македонија откако државата е полноправна членка на НАТО. Посетата на Столтенберг е во рамките на неговата четиридневна посета на Западниот Балкан.