Столтенберг рече дека целиот свет „ќе плаќа многу повисока цена за многу години“ ако му се дозволи на Путин да победи и додаде дека „НАТО ќе биде со Украина се додека е потребно“
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска во Брисел изјави дека Алијансата ќе продолжи да ѝ дава силна поддршка на Украина за нејзината одбрана од руската агресија бидејќи во случај на победа на Русија целиот свет би плаќал висока цена со години.
На прес-конференција пред состанокот на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, Столтенберг рече дека зајакнувањето на поддршката за Украина ќе биде главна тема на тој состанок, чии учесници ќе се занимаваат и со акциите на Кина, зајакнувањето на помошта за Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, и прашањето за влезот на Финска и Шведска во Алијансата.
Пред состанокот на дипломатите на НАТО, кој ќе се одржи следната недела во Букурешт, Столтенберг рече дека министрите ќе посветат најголемо внимание на „илегалната војна на Русија во Украина, која продолжува да ги загрозува евроатлантскиот мир и безбедност“.
„Рускиот претседател (Владимир) Путин не постигнува успех во Украина и затоа одговара со поголема бруталност. Брановите намерни ракетни напади врз цивилната инфраструктура ги оставија Украинците во тешка состојба пред зимата. Грозоморните напади врз цивили и важна цивилна инфраструктура, вклучително училишта и болници, се воени злосторства и оние што стојат зад нив ќе мора да одговараат“,
рече Столтенберг.
Столтенберг рече дека целиот свет „ќе плаќа многу повисока цена за многу години“ ако му се дозволи на Путин да победи и додаде дека „НАТО ќе биде со Украина се додека е потребно“.
„Ако Путин и другите авторитарни лидери видат дека силата се исплати, тие повторно ќе ја искористат за да ги постигнат своите цели. Тоа ќе не направи сите нас поранливи и затоа е во наш безбедносен интерес да ја поддржиме Украина. Нема да има траен мир ако победи агресорот, ако репресијата и автократијата надвладеат над слободата и демократијата“,
додаде тој.
Столтенберг рече дека сојузниците ѝ даваат силна воена поддршка на Украина и изрази очекување дека министрите во Букурешт ќе се согласат да ја зголемат испораката на несмртоносна помош за Украина, која вклучува гориво, медицински материјали, опрема за зимата.
На прашањето што прави НАТО во врска со влезот на Украина во Алијансата, Столтенберг рече дека вратите на Алијансата „се отворени и дека Русија нема право да стави вето на проширувањето на НАТО“.
„Русија се обиде да го спречи влезот во НАТО на Црна Гора и Северна Македонија, а потоа и Финска и Шведска. Вратите на НАТО се отворени, а тоа важи и за Украина. Кога станува збор за Украина, треба да работиме со политичките лидери и во однос на практична соработка. Сега фокусот е на давање поддршка на Украина и Путин да не победи“,
рече тој.
Шефовите на дипломатиите на членките на НАТО во Букурешт ќе разговараат за потребите на Украина и понатамошната поддршка на Алијансата со украинскиот министер за надворешни работи Дмитри Кулеб, но и со министрите на Босна и Херцеговина, Молдавија и Грузија, „земјите партнери кои се соочуваат со рускиот притисок на различни начини“, рече Столтенберг.
Министрите на членките на НАТО, исто така, ќе се занимаваат со начините за зајакнување на отпорноста на земјите од Алијансата и предизвиците што ги предизвикуваат активностите на Кина, рече тој.
„Кина не е непријател, но гледаме дека сè повеќе ги модернизира воените системи и го зголемува своето присуство од Арктикот до Западен Балкан, од вселената до сајбер просторот и дека се стреми да ја контролира важната инфраструктура на сојузниците во НАТО. Гледаме и дека Русија и Кина поблиску соработуваат“,
рече шефот на НАТО.
Тој исто така рече дека војната во Украина покажа „колку е опасна зависноста од рускиот гас“ и додаде дека НАТО „мора да размисли за сопствената зависност од други авторитарни режими, не само од Кина“.
На сите состаноци во Букурешт ќе учествуваат министрите за надворешни работи на Финска и Шведска, чиј пристап во Алијансата се очекува наскоро, рече Столтенберг.
Столтенберг рече дека по „историската одлука“ на НАТО во јуни, да ги покани Шведска и Финска да се приклучат на Алијансата, сите членки го потпишаа протоколот за нивно пристапување. Тој ги повика Унгарија и Турција, единствените земји кои не го ратификуваа протоколот, да го сторат тоа што е можно поскоро.
„Убеден сум дека сите членки на Алијансата ќе го ратификуваат протоколот за пристапување на Шведска и Финска, не би шпекулирал кога, колку побрзо, толку подобро. Со влезот во НАТО, Шведска и Финска ќе бидат побезбедни, НАТО ќе биде посилен, а евроатлантската област ќе биде побезбедна“,
рече генералниот секретар на НАТО.