Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали „Електра солушн“ ја извадила лиценцата со цел да учествува токму на овој јавен повик и дали рокот е продолжен за да може да се формира конзорциумот кој го доби тендерот
Една од четири домашни фирми кои се дел од конзорциумот „ИРД инженеринг“, кој го доби тендерот за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-д кои треба да ги гради „Бехтел и Енка“, добила лиценца среде тендерската постапката, објави денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Најновите документи кои дојдоа до нас говорат дека ’Електра солушн‘, на 30-годишниот Андон Ампов, која е составен дел од конзорциумот која го добива тендерот од 22 милиони евра, добива лиценца за надзор во тек на постапката за избор на надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-д. Ова е лиценцата која Министерството за транспорт и врски и ја издава на ’Електра солушн‘ на ден 03.10.2022 година, што е три недели откако е распишан јавниот повик за избор на надзор на изградбата на Коридорите 8 и 10-д. Овој документ говори дека во периодот кога јавниот повик бил распишан ‘Електра солушн’ немала лиценца за надзор и истата лиценцата ја добива на само две недели пред истекот на првичниот рок за доставување на понудите“,
рече пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ кој на прес-конференција презентираше и документи.

Рокот за понудите на тендерот истече на 17 октомври 2022, а на 10 октомври беше продолжен за нови 8 дена.
Презентирајќи ги документите, Стојаноски праша дали „Електра солушн“ ја извадила лиценцата со цел да учествува токму на овој јавен повик и дали рокот е продолжен за да може да се формира конзорциумот кој го доби тендерот.
„И не само што ’Електра солушн‘ добива лиценца во тек на постапката за поднесување на понуди, туку и истата, односно нејзиниот сопственик и управител Андон Ампов, се именувани да го претставуваат конзорциумот“,
вели Стојаноски обвинувајќи дека тој и фирмата немаат никакво искуство во работа со проект од ваков обем.
Владата договорот со конзорциумот „ИРД инженеринг“ кој го доби тендерот за надзор, го потпиша на 2 февруари годинава и надзорот беше избран од втор обид. Сопственикот на „Електра солушн“, Андон Ампов, е син на Сотир Ампов, сопственик на Институтот за патишта од Велес, кој беше формиран како мала фирма со скромен паричен влог во 2021 година. Овој Институт за патишта, пак, заедно со хрватскиот институт ИГХ беа избрани во првиот тендер за надзор на изградбата на овие коридори, меѓутоа тој пропадна бидејќи тие не доставија банкарска гаранција.
Покрај „Електра солушн“, дел од конзорциумот сè уште три фирми. ИРД, шпанската „Ептиса“, како и уште една домашна фирма „Евро консалтинг“.
Доделувањето ан тендерот на овие фирми изминатите неколку дена се предмет на обвинувања од опозицијата кон власта, како и предмет на новинарски истражувања.
„Призма“ минатата недела објави дека македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ, кој е под истрага на обвинителството во Ерменија за „развојот и спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“. Димитриејевиќ во „Ерменија“ работел за „Ептиса“, а во Македонија сега се јавува и како еден од сопствениците на една од четирите фирми – „Евро консалтинг“.
Од „Ептиса“, пак, вчера, во реакција насловена „Официјален демант“ генерално наведоа дека ги осудуваат „невистинитите, неточните и навредливите информации“, без притоа конкретно да кажат што е невистинито во новинарското истражување и медиумските објави што следуваа потоа.
Утрово, пак, во нова реакција го демантираа ерменското обвинителство нагласувајќи дека Димитријевиќ никогаш не бил ангажиран или вработен во „Ептиса“ на ниту една позиција.
Алсат ТВ, пак, исто така објави дека Владата пред околу три години донела одлука со која на сите државни институции и општини им забранила да ја ангажираат компанијата „Ептиса“ на тендери вредни над 1 милион евра поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Белаковце. Одлуката е донесена на седница на Владата одржана на 24 ноември 2020 година, а десет недели подоцна, односно на 9 февруари 2021 година, Министерството за финансии било известено дека Владата донела одлука за укинување на одлуката одобрена на 24 ноември 2020 година, а институциите заедно со општините сега можат да доделуваат тендери со вредност над 1 милиони евра на фирмата на обвинетиот од ерменските власти – „Ептиса“.
По новинарските пишувања, како и обвинувањата од опозицијата, премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање порача дека ако некој се сомнева во компаниите за надзор на изградбата на автопатиштата нека пријави во Обвинителството.
Коридорот 8 кој е опфатен во овој проект е долг 68 километри и се однесува на делниците од Тетово до Гостивар, потоа кон Кичево, преку Струга до Ќафасан, додека Коридорот 10-д е на делницата од Прилеп до Битола со должина од 40 километри и има шест ленти.
Како последна информација која пристигна во врска со овој проект е дека Владата на денешната седница го одобрила договорот за изградба на коридорите по предлог на Комитетот за преговори за изградба со кој раководи првиот вицепремиер Артан Груби.
Владата го одобри договорот за коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“