Според обвинителката, не може за семејно насилство каде што има телесна повреда и за семејно насилство кое довело до смртни последици како во случајот со Ивана Јовановска максималната казна да биде идентична, односно горната граница да биде пет години
Правната застапничка на семејството на Ивана, односно на општетените, адвокатката Неда Чаловска, во изјава за медиумите по изрекувањето на пресудата, како многу значаен од оваа постапка, го посочи моментот што за првпат има пресуда за наведување на самоубиство поради семејно насилство
Дали за кривичното дело наведување и помагање на самоубиство законодавецот треба да донесе построга казнена политика од она што во моментов го пропишува Кривичниот законик? Според обвинителката Адела Бојчевиќ, ова прашање сега треба да биде разгледано од правните експерти во насока на заострување на казните кога станува збор за ова кривично дело.

Обвинителката, својот став го кажа, коментирајќи ја пресудата на Основниот кривичен суд Скопје против против Стојанче Јовановски, које денеска е огласен за виновен и осуден на единствена казна затвор од 12 годиниз а семејно насилство и наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана, која со нивната малолетна ќерка на 2 март годинава беа пронајдени мртви по пад од балкон во скопски Карпош.
Бојчевиќ, која го застапуваше обвинението против Јовановски, е задоволна од пресудата што ја изрече судијата Ивица Стефановски, кој на обвинетиот му ореди максимални казни за сите три кривичнi дела за кои го товареше обвинението.
За делото телесна повреда, односно повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, тој на Јовановски му одреди пет години затвор, колку што е законскиот максимум, за загрозување на сигурноста – три години и за наведување и помагање во самоубиство – пет години казна затвор, колку што налага максимумот во Кривичниот законик.
Иако, ако се собере висината на сите три казни, збирот е 13, Јовановски доби единствена казна затвор од 12 години. Ова е поради тоа што согласно членот 44 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, за кривичните дела во стек единствената казна затвор мора да биде поголема од секоја одделна утврдена казна, но не смее да го достигне збирот на утврдените казни, ниту да премине 20 години затвор.
„Во оваа фаза од постапката имајќи го предвид фактот дека станува збор за првостепена пресуда којашто не е правосилна, и која верувам дека одбраната ќе ја обжали, Судот ја изрече максималната казна затвор за сите три кривични дела“,
рече Бојчевиќ.
Од друга страна, како што рече таа, Ивана и Катја повеќе ги нема, и ниту една пресуда и казна не е доволна и не може да ги врати.
Сепак, како што наведе обвинителката, нејзин став е дека можеби казнената политика не е во корелација и не соодветсвува на тешката последица како што е во конкрениот случај – загуба на човечки животи.
„Во однос на кривичното дело наведување на самоубиство, каде што ја имаме најтешката последица загуба на човечки животи, би сакала да искоментирам дека казнената политика можеби не е во корелација и не соодветствува на толку тешката последица што ја имаме кај вакви случаи, особено што првпат имаме случај на проширено самоубиство, не само самоубиство, и сметам дека тоа би требало да биде предмет на поширока анализа на правните експерти и изготвувачи на закони во насока на построга казнена политика и подобрување на казнената политика“,
рече Бојчевиќ.

Според обвинителката, не може за семејно насилство каде што има телесна повреда да е предвидена казна затвор до пет години, а каде што има смртни последици исто така да е предвидена казна затвор од пет години.
Правната застапничка на семејството на Ивана, односно на општетените, адвокатката Неда Чаловска, во изјава за медиумите по изрекувањето на пресудата, рече оти сметаат дека казната е соодветна и претставува јасна порала дека семејното насилство во државата нема да се толерира.
Како многу значајно од оваа постапка, таа го посочи моментот што за првпат има пресуда за наведување на самоубиство поради семејно насилство.
„Сметам дека ова е голем чекор што во иднина треба да се следи заради тоа што во случаи на самоубиство понатаму државните институции треба да истражуваат дали било поради долготрајно семејно насилство како што беше во овој случај“,
рече Чаловска.
Адвокатката на оштетените ја оцени целата постапка како ефикасна, посочувајќи дека Јавното обвинителство во овој случај освен ефикаснот, покажало и сензибилитет што не било секогаш пример во сите случаи на семејно и родово засновано насилство.
„Се надевам дека и во иднина ќе имаме вакво позитивно постапување и овој пример ќе се следи“,
рече таа.

Бранителите на сега првостепено осудениот Јовановски не дадоа изјава по завршувањето на рочиштето на кое беше изречена пресудата.
Судијата Ивица Стефановски пред изрекувањето на пресудата, се осврна на секое кривичните дела за кое се товари Јовановски, опишувајќи ги настаните кои се однесуваат на секое од нив, а кои му претходеле на критичниот час кога се случи трагедијата во Карпош 4.
„Обвинетиот сурово и нечовечно постапувал кон оштетена Ивана Јовановска, која спрема обвинетиот се наоѓала во положба на материјална и егзистенцијална зависност, па поради таквото постапување на обвинетиот оштетената Ивана Јовановска извршила самоубиство на 02.03.2026 година околу 14 часот на улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“, кое може да се припише на небрежност на обвинетиот“,
наведе судијата.
Психичкото и физичкото насилство врз Ивана од страна на обвинетиот, како што кажа, започнало во 2023 година, откако Јовановски ја натерал својата сега покојна сопруга да му го отстапи својот идеален дел од станот во кој живееле со малолетната ќерка Катја. Тој почнал постојано да ја тепа и наведува Ивана, заканувајќи и се дека ќе ја избрка од станот и ќе и ја земе Катја.
„Откако обвинеиот издејствувал оштетената Ивана Јовановска, сега почината, во ноември 2022 година да му го отстапи со договор за дар својот идеален дел од станот, во кој заедно живееле, па по стекнување на целосна сопственост, обвиниетиот започнал физички и психички да ја малтретира, по што низ годините продолжил со таквото однесувње, кое во 2025 година добило уште поголем интензитет. Обвинетиот сè почесто физички и психички ја малтретирал оштетната – ја тепал, ја навредувал и ја понижувал како во домот во присуство на нивната малолетна ќерка, така и на јавни места и пред други сведоци, заканувајќи се дека ќе ја избрка од дома и дека ќе ѝ ја одземе нивната малолетна ќерк“,
наведе судијата.
По ова тој огласи Јовановски за виновен и ги соопшти казните за секое од трите кривични дела за кои беше обвинет, одредувајќи му на крајот единствена казна од 12 години затвор.
Тој на предлог на јавната обвинителка Адела Бојчевиќ веднаш донесе одлука на Јовановски да му биде продолжен притворот до правосилноста на пресудата.
Обвинетиот Јовановски изрекувањето на казната го проследи со насмевка на лицето, што можеше да се забележи при излегувањето од судницата од која беше изведен со полициска придружба со лисици на рацете.
