Судијата за извршување санкции, по приемот на барањето, веднаш почнал со проверка на медицинската документација што ја приложил Јакимовски и поднел барања до две приватни задрстваени установи, што ја издале, но сè уште чека одговор за да може да донесе соодветна одлука
Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, нема да почне со издржување на едногодишната затворска казна во четврток – 2 јули, за кога му беше издаден упатен акт од судија за извршување санкции при Основниот кривичен суд Скопје.

Имено, денеска од Кривичен информираа дека извршувањето на казната на Јакимовски засега се одложува. Причината, како што наведуваат оттаму, е тоа што ексградоначалникот, по издавањето на упатниот акт за издржување на затворската казна, поднел барање за одложување од 12 јуни поради здравсттвени причини.
Судијата за извршување санкции, по приемот на барањето, веднаш почнал со проверка на медицинската документација што ја приложил Јакимовски и поднел барања до две приватни здравствени установи, што ја издале, но сè уште чека одговор за да може да донесе соодветна одлука, велат од Судот.
„Согласно член 144 од Законот за извршување санкции, судија за извршување на санкција има рок од 30 дена, од приемот на барањето, да ги провери наведените околности во барањето и да донесе одлука. До донесување на одлуката почетокот на извршувањето на казната се одлага“,
се наведува во соопштението од скопскиот Основен кривичен суд.
Од Кривичен додаваат дека ќе постапуваат согласно законските одредби и доследно ќе ги почитуваат правата на странките во постапката. За сите понатамошни детали, од Судот дека навремено ќе информираат, имајќи го предвид јавниот интерес за конкретниот случај.

За потсетување, на 11 јуни од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека ексградоначалникот на Општина Карпош на 2 јули треба да се јави во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари на издржување наедногодишната казна затвор за кривичното дело бесправно крадење, откако судија за извршување санкции на Јакимовски му издал упатен акт со овој датум.
На Јакимовски му беше издаден упатен акт откако два дена претходно Кривичен соопшти дека повисокиот Апелациски суд Скопје ја потврдил првостепената едногодишна затворска казна за ексградоначалникот, во предметот поврзан со изградбата на општинската зграда во Карпош.
Инаку, во изречената казна на Јакимовски му се пресметува и времето поминато во куќен притвор во периодот од 19 март до 15 август 2019, што значи дека тој во затворот во Шутка ќе треба да помине уште околу седум месеци.
Основниот кривичен суд Скопје во април минатата година му изрече казна затвор од три и пол години на поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во врска со градењето на административната зграда на Општината. Јакимовски беше осуден за две дела – бесправно градење, за кое доби казна затвор од една година и за злоупотреба на службената положба, за што му беше изречена казна затвор од три години.
Сепка, по разгледувањето на жалбите, Апелацискиот суд Скопје ја потврди одлуката, односно пресудата на Кривичен за делото бесправно градење, со што таа стана правосилна, додека делот кој се однесува на злоупотреба на службената положба второстепниот суд го укина и го врати на повторно судење. Укинатиот дел од предметот, како што информираа тогаш од Кривичен, ќе биде распределен кај нов судија бидејќи тој што досега постапувал веќе не е распореден во Одделот за организиран криминал и корупција.
По пресудата од Апелација, Јакимовски на прес-конференција рече дека е осуден од политички причини, за да не може да се кандидира на евентуални повторени избори за градоначалник на Општина Карпош.

Јакимовски рече дека од овој момент е член на клубот на политички осудени лица.
Пресудата тој ја доведе во врска со случувањата со актуелниот градоначалник на Карпош, Сотир Лукровски, кој подолг период е на боледување, поради што назначи свој заменик од редовите на советниците во Општината. Според ексградоначникот, тоа е вистинската причина за судската пресуда, додека наводите од обвинението поради кои се гонел во постапката ги означи како повод за негов прогон.
Тој кажа дека во моментов нему и на неговата одбрана не им преостанува ништо друго освен да се надеваат на последната судска инстанца – Врховниот суд.
