Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, имаше видеообраќање на вчерашниот самит во Охрид во кое кажа дека „Отворен Балкан“ треба да остане економски, а не политички проект и да се фокусира на луѓето од регионот
Американскиот Стејт департмент ја поддржува секоја регионална иницијатива заснована на европски принципи, која има за цел економско зајакнување на земјите од Западен Балкан. Изјавата е дадена еден ден откако по последниот Самит на „Отворен Балкан“ на кој претставниците на трите земји од иницијативата (Србија, Албанија и Северна Македонија) во Охрид, потпишаа неколку договори.
Портпаролот на Стејт департментот за „Радио Слободна Европа“ одби да коментира за фактот дека Косово одбива да биде дел од „Отворениот Балкан“ и не сака да присуствува на состаноците, но истакна дека „поблиска и поинтегрирана соработка низ Западен Балкан привлекува енергетски инвестиции“.
„САД ги поддржуваат овие и други иницијативи, кои ја продлабочуваат регионалната економска соработка и го унапредуваат европскиот пат“,
соопшти Стејт департментот.
На вчерашниот самит, нивен претставник, специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во видеообраќање рече дека САД не гледаат на овој регион од перспектива на проблемите од 1990-те, туку преку можностите на 21. век.
Ескобар рече и дека Западен Балкан има потенцијал да биде центар на обновлива енергија, центар за течен природен гас и ја отвора можноста Европа да се ослободи од зависноста од рускиот гас.
Тој кажа и оти „Отворен Балкан“ треба да остане економски, а не политички проект и да се фокусира на луѓето од регионот и дека на тој начин ќе има поддршка.