Во рамките на дводневниот самит на земјите од иницијативата „Отворен Балкан“, кој се одржува во Охрид, свое обраќање имаше и американскиот специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој истакна дека оваа иницијатива е препознаена на меѓународната сцена и ја има поддршката од САД.
„Предноста на Западен Балкан е силниот економски раст, но има и други предности, а најважното е создавањето можности преку отворање на границите и институционален развој, бидејќи потребна ни е што е можна поголема економска соработка која ќе им донесе бенефит на граѓаните од овој регион“,
истакна Ескобар.
Ескобар зборуваше и за тоа дека преку „Отворен Балкан“ шансите за привлекување странски инвестиции се уште поголеми, а иако посочи дека евроинтеграцијата е важна за Западен Балкан, сепак истакна дека „Отворен Балкан“ е економска иницијатива и треба таква да остане.
„Поголем дел од стопанските комори во регионот се заинтересирани за овој заеднички пазар, но потребно е да се слушне нивниот глас бидејќи тоа е важно за „Отворен Балкан“. Ве охрабрувам оваа иницијатива да остане економска, ова не е политички проект, ова е економски проект и е важно така да остане. Со ова би сакал да кажам дека може да сметате на нас во однос на создавање подобри институции кои ќе ви помогнат да се стави крај на криминалот и корупцијата, како и унапредување на економијата“
нагласи Ескобар.