Статуата на Исус Христос во Рио де Жанеиро, Бразил, на католичкиот Велигден беше виртуелно „облечен“ во лекарска униформа. Градот на тој начин им заблагодари на болничарите од цел свет, за сѐ што прават во борбата против коронавирусот.
Станува збор за познатата статуа на планината Корковадо над Рио. Таа го доби својот нов изглед благодарение на специјално осветлување. Организаторите притоа зборот „благодарам“ го испишаа на неколку јазика – домашниот португалски, на шпански, англиски, германски, италијански, кинески, француски, арапски и руски јазик.
Освен тоа, статуата беше осветлена во боите на знамињата на државите што се најпогодени од коронавирусот – САД, Шпанија, Италија и Кина, како и самиот Бразил.