За разлика од изборот на првиот владин ешалон, кога за кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски гласаа 62 пратеници, вториот ешалон доби еден глас повеќе од парламентарното мнозинство кое, всушност, брои 64 пратеници
Со 63 гласа „за“, 35 „против“ и без воздржани, Собранието вечерва ги избра заменик-министрите во 16 владини ресори.
За разлика од изборот на првиот владин ешалон, кога за кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски гласаа 62 пратеници, вториот ешалон доби еден глас повеќе од парламентарното мнозинство кое, всушност, брои 64 пратеници. При изборот на министрите, на собраниската седница и на чинот на гласање не присуствуваа Изет Меџити од ДУИ, кој се смета за предводник на “фракција“ во партијата и пратеничка на СДСМ која во тој период била позитивна на ковид-19.
Дел од заменик-министрите што беа избрани вечерва се нови, но поголем дел и досега беа на функциите.
- За заменик-министер за одбрана е избран Башким Хасани
- За заменик-министер за внатрешни работи Назим Буши
- За правда Агим Нухиу
- За надворешни работи Фатмире Исаки.
- Во Министерството за финансии за заменик-министер е изгласан Филип Николоски
- Во Министерството за економија Зоран Маневски
- Во Министерството за земјоделство Абдулшуќур Абедини
- За заменик на министерот за здравство е изгласан Владимир Рендевски
- Во Министерството за образование и наука за заменик е избран Лулзим Алиу
- Во Министерството за труд и социјална политика Енвер Хусејин
- За заменик-министер за локална самоуправа е избран Зоран Димитровски
- За култура Даим Лучи
- За информатичко општество Александар Бајдевски
- За транспорт и врски Беким Реџепи
- За животна средина Христина Оџакиевска
- Во Министерството за политички систем за заменик-министер е избран Џабир Доко
Премиерот во завршното обраќањето пред пратениците, изјави дека е најважно новоизбраните заменик-министри да работат искрено, посветено, стручно и ефикасно.
„Таква матрица, таква методологија, таква работна сфера, таква контрола и одговорност побарав и нема да отстапам за сите врвни владини позиции, како и за министрите, така и за заменик-министрите. Како што најавив, имаме план – со рокови, обврски, носители на задачи и начин за мерење на ефектите врз животот на граѓаните. Нашиот пристап е јасен, искрен и мерлив. Сите работи – минати, сегашни и идни јасно ги соопштувам на јавноста и зад нив стојам, бидејќи личниот образ, одговорноста и системот на вредности за мене се врвни критериуми и така барам да се однесуваат и останатите“,
рече Ковачевски.
Опозицијата пак, обвини дека е непрофесионален начинот на кој се предложени заменик-министрите, дел од нив немаат соодветно образование и познавање за назначената функција и оти голем дел од нив се од составот на претходната Влада, предводена од Зоран Заев. Оваа функција, според ВМРО-ДПМНЕ е непотребна и треба да се укине. Тие повторно побараа предвремени парламентарни избори, поради лошото менаџирање со кризата предизвикана од пандемијата.