Во пресметката не е ставен трошокот за еден ученик за набавка на потребните материјали за почетокот на учебната година, кои според пресметките на ССМ изнесуваат околу дополнителни 6 000 денари
Во август на едно четиричлено семејнство кое живее во дом од 50 квадратни метри и не поседува автомобил, само за основните продукти за живот му биле потребни 41 295 денари, а кога ова ќе се зголеми за 16, 8 отсто инфлација или 6 937 изнесува 48 234 денари.
Вака изгледа синдикачната кошница за август што месечно ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) .
Во пресметката не е ставен трошокот за еден ученик за набавка на потребните материјали за почетокот на учебната година, кои според пресметките на ССМ изнесуваат околу дополнителни 6 000 денари.
„Според податоците, само за храна и пијалоци во која се вклучени 63 производи, кои не ги изразуваат целосните потреби за исхрана, туку ги изразуваат можностите, навиките и традицијата во исхраната, а вредноста на истите не се зема како просечна, туку како минимална вредност, биле потребни 18.324 денари или за 324 денари повеќе од минималната плата“,
пишува на фејсбук – профилот на ССМ.
Домувањето има две подгрупи- комунални трошоци, со пет елементи и покуќнина, опрема за куќа и одржување, што ќе се следи преку 13 добра и за овозможување на истото биле потребни 12 493 денари.
Според ССМ и хигиената има две подгрупи – личната хигиена со седум производи и хигиената на домот, исто со седум производи. Овие ставки се искажани по минимум количини по најниски цени и за истото биле потребни 2 808 денари.
За превозот се вклучени минимални изразени трошоци, односно два месечни билети за превоз, работнички и ученички или студентски и се потребни 3 600 денари. Во авуст, 2 197 денари биле потребни за облеката и обувките, кои вклучуваат набавка на по едно парче облека и обувки за секој член на семејството по сезони.
Во пресметката за култура се вклучени трошоците на три производи, и тоа еднаш месечно одење во кино и редовно купување на еден неделен и еден дневен весник и биле потребни 1 067 денари.
За одржување на здравјето со вклучени основни трошоци за лекарства (парацетамол, аналгин, кафетин и сл.), без лекарствата за хроничните болести биле потребни 786 денари.
Од друга страна, како што посочуваат од ССМ, трошоците за рекреација, образование, хотели и ресторани, семејни прослави, не се вклучени, не затоа што не се потребни, туку затоа што во кошницата се пресметуваат само неопходните трошоци, па доколку се пресметуваат и овие трошоци вредноста на истата би била многу повисока.
„Ако овие податоци не се доволни за некој од креаторите на политиките веднаш да преземе мерки за помош и поддршка на работниците во овие моменти, гладни и сиромашни работници = социјалната револуција“,
потенцираат од Сојузот на синдикатите.