Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бара во рамки на најавениот петти пакет антикризни мерки, како помош од Владата за надминување на економските последици од корона-кризата, да продолжи субвенционирањето на плати, но да се исплаќа директно на сметките на работниците за да нема злоупотреби.
„ССМ бара субвенционирањето на плата како мерка да продолжи онаму каде што производството е намалено, како што тоа е утврдено и со четвртиот пакет на мерки, но да се исплаќа директно на сметките на работниците, што се покажа како повеќе од потребно поради повторната злоупотреба на средствата од финансиската поддршка за исплата на платите на работниците обезбедена од Владата, со оглед на тоа што и по 5. пат газди оставија работници без никаква егзистенција, а за тоа зедоа средства од државата“,
велат од ССМ.
Дополнително, бараат еден од главните услови за добивање финансиска поддршка да биде враќање на работниците кои биле испуштени од работа, а исто така и задолжително да биде по користењето на мерката работодавачите кои добиле финансиска поддршка за исплата на плати да ги задржат, односно да нема отпуштање на работниците најмалку три месеци по завршување на мерката.
Од ССМ сметаат дека работниците кои користеа мерки, како хронично болните, бремени жени, чување дете до 10 години, треба да бидат исплатени во висина на нивната плата, без намалување, а истовремено да се води грижа и за мајките кои користеле породилно отсуство, а им престанал договорот за вработување по која било основа и тие да имаат право на платено на породилно отсуство.
ССМ повторно предлага надоместокот на плата за отсуството од работа поради зараза од ковид-19, изолација и самоизолација поради изложеност на вирусот да изнесува 100 отсто од основицата утврдена со закон.
„Нагласуваме дека Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека во Правилникот за листа на професионалните болести како професионална болест треба да се смета заразата со ковид-19, не само за здравствените работници туку и за работниците од други дејности и вработени во институции на работни места каде што е можен контакт и изложеност на ковид-19, а Министерството за труд и социјална политика да предложи предлог-законско решение или предлог-решение во Правилникот во најскоро време“,
велат од ССМ.
Тие предлагаат насочување кон спроведување на јавни набавки од страна на државните органи, исклучиво од домашните компании кои не отпуштиле неосновано работници и не ја злоупотребиле финансиската поддршка за исплата на платите.
„ССМ, поаѓајќи од тоа што националните и светските компетентни институции укажуваат дека оваа нова нормалност предизвикана од ковид-19 ќе трае подолг период и во иднина, очекува покрај мерките за субвенционирање и помош, Владата да преземе поголем ангажман за обезбедување нови инвестиции од домашно и странско потекло и да обезбеди економски мерки за поефикасно приспособување на компаниите за продолжување на економските потфати со цел да се обезбедат реални и одржливи работни места и обезбедување егзистенција за сите граѓани“,
стои во соопштението.
Од ССМ предлагаат и еден од условите за обезбедување на финансиска поддршка и инвестиции од страна на државата да биде синдикалното организирање во компанијата, за да можат и тие како претставници на работниците да го контролираат користењето на владините мерки.
Сите мерки, смета ССМ, треба да бидат насочени кон зачувување на работните места, а во меѓувреме да се заштитат од невработеност и загуба на приходи и да се ублажат финансиските загуби.
„Луѓето кои се болни, кои се грижат за семејството или не се во состојба да работат заради коронавирусот, не треба да страдаат финансиски, па поради тоа, од страна на Владата, потребно е да се обезбеди финансиска помош за сите“,
порачуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија.
