Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека веќе се работи на новиот сет мерки со кои ќе бидат поддржани најпогодените компании – каде пандемијата имала најголемо влијание на намалување на приходите и на отпуштање на работници…
Веќе го дизајнираме петтиот сет економски мерки, со кој ќе бидат поддржани најпогодените компании. За оваа намена во Буџетот за 2021 година се обезбедени 50 милиони евра, а неговата реализација ќе започне во февруари, изјави министерот за економија Крешник Бектеши вечерва, во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.

„Првично обезбедивме Буџет за 2021 година во П1 – програмата преку која се спроведуваат мерките за ковид – 19 и имаме обезбедено 50 милиона евра. Мерките веќе ги дизајниравме и ќе бидат таргетирани секторски каде пандемијата имала најголемо влијание на намалување на приходите и на отпуштање на работници и слично“,
рече Бектеши.
Тој повтори дека мерките, како и досега, ќе се креираат во соработка со Стопанските комори во рамки на јавно-приватниот дијалог – ќе се соберат сите предлози кои доаѓаат од различни институции, вклучително и на Министерството за економија и на почетокот на февруари, ќе бидат објавени мерките, по што ќе почне и реализацијата.
Бектеши оцени дека мерките од досегашните четири владини антикрини сета дале резултат, а податоците покажуваат дека се намалува бројот на компании кои бараат финансиска поддршка од државата.
„Ако ја гледаме реализацијата на мерките од март, кога започна пандемијата, па до сега ќе видиме дека во континуитет има намалување на бројот на компании кои аплицираат за мерката за финансиска поддршка за исплата на плата. Тоа значи дека се подобрува состојбата кај компаниите“,
кажа Бектеши.
