Срцевите болни се во ризичната групи граѓани при заболување со ковид-19. Поради тоа, од Министерството за здравство објавија практични препораки од кардиолози за овие хронични болни лица.
Притоа, срцевите болни се советуваат доколку имаат симптоми на покачена телесна температура, кашлање, тешко дишење, главоболка или болка во грлото, општа премаленост, потребно е телефонски да се јават кај својот матичен лекар, да ги наведат сите досегашни кардиоваскуларни дијагнози, лекувања и престој во кардиолошка болница, сите лекови кои ги користат, за да овозможи подобра проценка од матичниот лекар за натамошно постапување.
Останатите препораки се:
– Доколку кардиолошки болен има симптоми од типот на силна остра градна болка, која трае повеќе од пет минути и не се смирува со земање на досегашните лекови, потребно е веднаш да се консултира со матичниот лекар кој ќе го упати како понатаму да постапи;
– Повеќето пациенти нема да имаат тешка клиничка слика, дури и да имаат ковид-19, но редовното користење на лековите и запознавањето на медицинскиот персонал, кој се грижи за болниот со досегашните лекови е од исклучителна важност;
– Секој пациент кој се лекува поради покачен крвен притисок потребно е да го следи притисокот со самомерење и запишување на измерената вредност, и по телефон да се консултира со својот матичен лекар, доколку притисокот надминува 150/100 и да се зголеми дозата од лековите, кои дотогаш редовно се користеле, а доколку и покрај тоа притисокот не се регулира консултирајте се за преглед во ординација;
– Пациентите кои имаат долготрајна, хронична терапија заради ангина пекторис или корорнарна артериска болест, треба да продолжат со земање на лековите, без разлика дали имаат симптоми на инфекција или не;
– Земањето на лековите и почитувањето на досегашните препораки од лекарот можат да го намалат ризикот од компликации при оваа стресна вонредна состојба, како и ризикот од белодробна инфекција. Кај пациентите каде е направена реваскуларизација, на пример, доколку имаат стент или бајпас постои ризик од компликации при вирусна инфекција на дишните патишта. Стентирањето или бајпасот значително го намалува тој ризик, доколку пациентот дотогаш се чувствувал добро. Важно е редовно земање на лековите и да ги запознае лекарите кои се грижат за него со дотогашните состојби;
– Терапијата со статини кај кардиоваскуларните болни е неопходно да се продолжи во препорачаната доза за да се спречи и стабилизира коронарната и васкуларната болест. Статините дејствуваат имуностабилизирачки и го стабилизираат внатрешниот слој на крвните садови, а поради тоа влијаат врз превенција на кардиоваскуларните настани;
– Да се одложи секој претходно закажан преглед за коронарен стрес-тест, ехо на срцето, холтер, коронарографија, техничка контрола на импантиран пејс-мејкер или друга направа, поради заштита на пациентите и спречување на ширење на инфекцијата со коронавирусот. Потребно е да се одложи секој тест или процедура или консултација што нема директно да влијае врз кардиолошката состојба;
– Не се препорачува хоспитално лекување и коронарографија кај пациенти без акутно срцево страдање со кардио-ризик, кој го надминува ризикот од инфекција во време на пандемија;
– Пациентите кои имаат силни потешкотии и градни болки, како и силно срцево чукање, потребно е да се јават со досегашните ЕКГ и резултати од тестови и со досегашните медицински документи за консултација кај својот матичен лекар, со цел да се процени неопходноста од натамошно постапување.
Притоа се потенцира дека доколку се доаѓа на преглед, секој кардио-пациент треба да дојде со маска, со најмногу еден роднина во придружба, кој исто така треба да носи маска која спречува и ја штити околината на пациентите дојдени на преглед од ширење на евентуална инфекција и го заштитува медицинскиот персонал.
Од МЗ потсетуваат дека кај поголемиот број инфицирани, односно кај 80 проценти, инфекцијата ќе помине како лесно заболување со лекување во домашни услови. Кај останатите 20-ина проценти ќе биде неопходно хоспитализирање поради пневмонија и кај два до пет проценти ќе биде потребно интензивно лекување и асистирана вентилација.