Извесно е дека голем дел од дискусијата ќе се фокусира на француско-германскиот предлог за уредување на односите, кој е поддржан и од ЕУ и од САД
По неколку месеци тензични односи помеѓу Белград и Приштина, но и по засилен меѓународен притисок за постигнување договор за нормализирање на односите, косовското прашање денеска ќе се најде и пред српските пратеници.
Парламентот денеска ќе одржи посебна седница на која ќе присуствува и претседателот Александар Вучиќ, кој е главен претставник на Србија во преговорите со Приштина.
Според официјалните најави, една од точките на седницата е извештај на српската влада за преговорите во периодот од 1 септември 2022 до 15 јануари 2023 година.
Меѓутоа, извесно е дека голем дел од дискусијата ќе се фокусира на француско-германскиот предлог за уредување на односите, кој е поддржан и од ЕУ и од САД.
За него Вучиќ претходно изјави дека со оглед што предлогот е прифатен од сите земји членки на ЕУ, сега тој де факто е рамка во која се движат преговорите.
Претседателот на парламентот Владимир Орлиќ во пресрет на денешната седница изјави дека Вучиќ ќе одговара на прашања на пратеници кои веројатно ќе дискутираат токму за овој предолг.