Лончар вели дека секој има право на свое мислење по отвореното писмо од 700 лекари кои побараа смена на Кризниот штаб за справување со ковид-19 епидемијата во земјата. Министерот немал да слуша критики „од анестезиолози и хирурзи на физикална медицина“, туку само од епидемиолози
426 заразени со ковид 19 и осум починати се регистрирани во Србија во последното деноноќие. Здравствените власти во Белград на прес-конференција информираа дека се направени најмногу тестови досега 11 521 и дека нема простор за паника. Но, ги повикаа граѓаните да се придржуваат до мерките, бидејќи веќе почнале да казнуваат за неносење маска во затворен простор.
Министерот за здравство Златибор Лончар на новинарско прашање на денешната прес-конференција кажа дека околу неколку стотини лица со ковид – 19 имало на протестите во Србија.
„Реалноста е дека околу 300 заболени со клиничка слика имаше на протестите, тие треба да се помножат со одреден број, по 10 да речеме со лица со кои имале контакт“
изјави Лончар на прес-конференција.
Во однос на критиките на социјалните мрежи и по се погласните повици за оставка на кризниот штаб, како и отвореното писмо потпишано од над 700 лекари, Лончар го повтори ставот дека секој има право на свое мислење, но дека нема да слушаат критики од анестезиолози и хирурзи на физикална медицина, туку епидемиолози кои се во првите борбени редови со коронавирусот.
„Можеби сум сељак немам ни една социјална мрежа, им се восхитувам на луѓето кои имаат време за тоа, но јас сепак сум за реален свет“
кажа Лончар на прашање за критиките до власта на социјалните мрежи.
На прес-конференцијата беше посочено дека во следните 48 часа Србија нема да има проблем со болничките капацитети, а во однос на училишната настава прават план како би се одвивала од септември.