„Моите мисли и молитви се со семејствата и блиските на оние кои трагично го загубија животот, меѓу кои и еден Македонец“, порача претседателката на државата
Во Амбасадата на Република Србија во земјава од денеска до 4 ноември ќе биде отворена книга на жалост за вчерашната несреќа во Нови Сад во која загинаа вкупно 14 лица, меѓу кои еден македонски државјанин.
Меѓу првите се потпиша претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, изразувајќи сочувство за загинатите.

„Денеска со длабока тага и искрено сочувство се потпишав во книгата на жалост отворена во Амбасадата на Република Србија во Скопје, изразувајќи ја мојата поддршка и солидарност по повод трагичниот настан на железничката станица во Нови Сад. Моите мисли и молитви се со семејствата и блиските на оние кои трагично го загубија животот, меѓу кои и еден Македонец“,
напиша попладнево Сиљановска-Давкова на својот фејсбук-профил.
Претседателката информира дека утринава телефонски разговарала со својот српски колега Александар Вучиќ, кому му изразила сочувство и поддршка во, како што вели, овие моменти на голема тага.
Граѓаните ќе може да изразат сочувство во книгата на жалост во Амбасадата на Србија во Скопје од денеска до 4 ноември (понеделник), од 12 до 18 часот.
Во вчерашната несреќа во Србија, по пад на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, загинаа 14 лица, од кои еден македонски државјанин.