Стефоска и Минеков се заложиле за реализација на заеднички проекти, истражувања, обуки, размена на експерти во делот на реставрација и конзервација на културното наследство
Министерката за култура Ирена Стефоска, во рамки на својата работна посета на Бугарија, денеска во Софија се сретна со бугарскиот министер за култура Велислав Минеков.
Како што соопштија од македонското Министерство, ова е прва средба на министри за култура на двете земји по подолг период, при што тие потенцирале дека „како непосредни соседи, упатени сме на поголема заемна соработка“.
Соговорниците нагласиле дека во изминатиот период се реализирани проекти и иницијативи во повеќе дејности од културата, кои произлегуваат од Програмата за култура за периодот 2018-2021 година, потпишана од двете министерства.
Во разговорите министрите ја истакнале добрата соработка во издаваштвото, во ликовната уметност, во филмската уметност и во програмата „Традуки“. Стефоска и Минеков се заложиле за реализација на заеднички проекти, истражувања, обуки, размена на експерти во делот на реставрација и конзервација на културното наследство.
На средбата, како што велат од Министерството за култура, е истакнато дека двете земји остваруваат одлична соработка и на мултилатерален план.
Стефоска и Минеков синоќа присуствуваа на концертот на Софиската филхармонија, на кој настапија Симон Трпчески, Александар Крапоски и Александар Сомов.