На средбата со Пендаровски и Маричиќ, Симовски информирал дека Заводот за статистика е подготвен да го спроведе пописот, само се чека на донесување на законот
Државниот Завод за статистика е целосно подготвен за спроведување на пописот, во контекст на методолошкиот и техничкиот дел на статистичката операција, ги информирал денеска Апостол Симовски, директорот на оваа институција, претседателот Стево Пендаровски и министерот за правда Бојан Маричиќ, на средба во претседателската резиденција.
Симовски, како што информираа од кабинетот на Пендаровски, изразил очекување дека наскоро ќе биде донесен законот за попис, со цел навремено и адекватно постапување.
На средбата биле разменети мислења за претстојните активности што треба да ги реализираат државните институции во насока на спроведување на пописот.
Пендаровски изразил очекување дека во новото законско решение ќе бидат вградени највисоките статистички стандарди на Евростат, со цел да се реализира валиден и кредибилен попис, како што соодветствува за една демократска држава.
На средбата, претседателот, како што информираа од неговиот кабинет, бил информиран и за тековните процеси на реформи во судството.
Министерот за правда реферирал за новата методологија за оценување на работата на судиите и претседателите на судовите, како и за новата алатка за филтрирање и проверка на работата на судиите и судовите.
Пендаровски ја поздравил одлуката на Советот за реформи во правосудството за ветинг на судиите, оценувајќи ја како чекор напред во стекнување доверба на граѓаните во работата на судството.
„Правната држава е од егзистенцијално значење и мора да биде поставена на здрави темели. Реформите во правосудството треба да бидат ефикасни, и тука не смее да постои селективност и толеранција“,
посочил Пендаровски.
