Ахмети смета дека враќањето на амбасадорката Агелер и нејзините познавања за земјата и околностите ќе придонесе за унапредување на билатералните односи и уште поголемо зајакнување на соработката меѓу двете земји
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и амбасадорката на САД Анџела Агелер на денешната средба разговарале за соработката меѓу двете земји, евроинтеграциите, уставните измени и реформите, политичката состојба во земјата и регионот, како и процесот на ветинг.
На средбата Ахмети и Агелер разговарале за потребата од усвојување на уставните измени како услов за продолжување на европскиот пат, поради што било оценето дека сите политички сили во државата треба да рефлектираат и да не ја држат во заложништво иднината на државата и нејзините граѓани.
Ахмети смета дека враќањето на амбасадорката Агелер и нејзините познавања за земјата и околностите ќе придонесе за унапредување на билатералните односи и уште поголемо зајакнување на соработката меѓу двете земји.
Ахмети на средбата изразил благодарност за американската помош во процесот на реформите и евроинтеграциите.
„Целосната интеграција на нашата земја и на Западен Балкан во Европската Унија е дополнителна гаранција за стабилноста и просперитетот на регионот“,
се вели во соопштението испратено од ДУИ.
Ахмети, исто така, го потенцирал процесот на ветинг како неопходен поради фактот што тој ќе биде најдобра форма за кредибилитетот на личностите во сите сфери, од политиката до обвинителството и судството, како форма на контрола пред тие да бидат избрани на одредени позиции.
Ахмети изразил благодарност за значителната улога на САД во земјата и регионот, како и дека тој и ДУИ се партнери и целосно достапни за прогресивната проевропска агенда, владеењето на правото, реформите и борбата против организираниот криминал и корупцијата.