Зголемен број нови случаи на ковид-19, но и зголемен број лица на кои им е потребно болничко лекување. Вака министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, ја опиша ситуацијата во земјата.
Лончар вели дека искористениот капацитет на ковид-болниците во Белград надминува 60-70 отсто и дека 15 пациенти се веќе сместени во привремената болница во Белградска арена.
„Кога ги имаме тие бројки, тогаш можеме да претпоставиме дека ќе има поголем број луѓе на респиратори за дишење и оние кои, за жал, ќе починат. Не постои здравствен систем што може да прими половина од граѓаните на таа земја“,
кажа Лончар.
Тој апелираше до граѓаните да се пријават во ковид-амбулантите веднаш штом ќе се појават првите симптоми. Како што рече, се подготвуваат и ковид-болниците во Батајница и Крушевац, со по 1 000 места, во кои ќе работат над илјада здравствени и немедицински работници.
„Ние се подготвуваме за најлошото сценарио, следиме што се случува во регионот и во Европа, мислам дека се опуштивме повеќе отколку што требаше. Србија сѐ уште има добар резултат, но сè може да се промени ако не се почитуваат мерките. Апелирам до сите граѓани да не играме ‘мачка и глушец’ со мерките, бидејќи мора да размислуваме и за пациенти кои страдаат од други болести“,
изјави Лончар.
За воведувањето нови мерки тој кажа дека е потребна рамнотежа меѓу мерките и функционирањето на државата.
„Ако сакате да обезбедите лекови, плати за вработените, нови болници, тоа не може да се постигне ако затворите сè. Не се мерките тие што ќе ја победат короната, тоа е нашата свест“,
рече Лончар.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека последнава недела е една од најтешките во Србија со дневно регистрирани 600 до 700 заболени, а дека се очекуваат и над 1 000 заразени на дневно ниво.