Српското обвинителство бара од платформата „Телеграм“ информации за членови во група во која повеќе од 36 000 лица од Балканот споделуваат експлицитни фотографии и лични податоци од жени и девојчиња.
Српските медиуми јавија дека по наредба на Обвинителството за високотехнолошки криминал, членовите на Службата за борба против организираниот криминал ги преземаат сите мерки и активности за расчистување на случајот и откривање на лицата што шират фотографии и контакти од жените.
За откривање на идентитетот на членовите во вакви групи во кои се шират фотографии и од девојки и жени од Македонија, податоци од „Телеграм“ побараа и македонските надлежни органи. Од Основното јавно обвинителство Скопје вчера информираа дека за случајот „Јавна соба 2“ за што во јавноста се слушна годинава, преку Министерството за внатрешни работи на 27 јануари 2021 година се обратиле до„Телеграм“, за да ги добијат реалните податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата.
Но, и од обвинителството и од МВР во неколку наврати посочуваа дека постапувањето е отежнато бидејќи „Телеграм“ не соработува.
Од обвинителството тврдат дека истрагата за случајот „Јавна соба 1“ кој се појави уште пред една година е во завршна фаза. За овој случај двајца скопјани на возраст од 21 и 32 години се во притвор поради сомнение за кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија.
За втората група за која јавноста дозна годинава, „Јавна соба 2“ МВР приведе четири лица чии телефони и лаптопи беа дадени на вештачење. Според извори од истрагата, кај дел од нив е најдена и детска порнографија.
Во меѓувреме, се појавија и други групи како групата „ „Популација Балкана“, во која членовите се главно Македонци и Срби и која се уште е активна.
Санкции за членовите на овие групи беше и главно барање на овогодишниот марш во Скопје за Денот на жената.