Основното јавно обвинителство Скопје информира дека истрагата за случајот „Јавна соба 1“ е во завршна фаза, додека пак за „Јавна соба 2“ се постапува и во Битола, Велес, Кавадарци и Прилеп.
На 5 февруари 2021 година ОЈО Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија по член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како што информираат од Обвинителството во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудиовизуелните содржини што се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете.
„Истрагата во овој предмет е во тек и е во завршна фаза. Надлежниот јавен обвинител ги повика двајцата осомничени да бидат испитани во Јавното обвинителство, а ќе следи и увид во доказите од одбраната. Воедно Јавното обвинителство ги комплетира и материјалните докази за кривичното дело за кое е отворена истражната постапка, по што ќе следува донесување на јавнообвинителска одлука“,
се вели во соопштението.
Во врска со „Јавна соба 2“, од Обвинителството информираат дека се води предистражна постапка и тие преку Министерството за внатрешни работи на 27 јануари 2021 година се обратиле до меѓународниот сервис-провајдер за услуги „Телеграм“, за да ги добијат реалните податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата.
„До овој момент од социјалната мрежа ‘Телеграм’ не е добиен одговор на ваквото барање. Овие податоци се неопходни со цел да се утврди идентитетот и Обвинителството да може кривично-правно да постапува против лицата инволвирани во оваа група. Од тие причини, Јавното обвинителство ги искористи и механизмите на меѓународна правна помош, па согласно позитивните домашни и меѓународни прописи, податоците ги побара од Обединетото Кралство“,
се вели во соопштението.
За утврдување кривична одговорност во групата „Јавна соба 2“, согласно својата надлежност, постапуваат повеќе јавни обвинителства во државата, при што се издадени наредби за вештачења и барања за обезбедување податоци.
Во Основното јавно обвинителство Велес во врска со „Јавна соба 2“ оформен е предмет и донесена е наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради постоење основано сомнение дека го сторило кривичното дело производство и дистрибуција на детска порнографија од член 193-а став 3 во врска со став 2. Имено, при вештачење на мобилниот телефон на осомничениот, пронајдени се видеозаписи со детска порнографија.
Во Основното јавно обвинителство Битола е оформен предмет во врска со „Јавна соба 2“. Обвинителството издаде наредби за вештачење на цеде и на мобилен телефон во насока на прибирање материјални докази и утврдување факти во предметот. По пристигнување на извештајот од извршеното вештачење, ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката.
„Се постапува и во Кавадарци, каде што во тек е прибирање материјали докази, за кои обвинителството во моментов не е во можност да сподели детали. Оформен предмет има и во Основното јавно обвинителство Прилеп, каде што од пријавеното лице се одземени два мобилни телефона и издадена е наредба за нивно вештачење. Во зависност од обезбедените вербални и материјални докази во текот на претходната постапка овие предмети поврзани со групата ‘Јавна соба 2’, ќе биде одредена и правната квалификација која ќе произлезе за наведените кривично-правни настани“,
велат од Обвинителството.
Во врска со најавите за дополнувања и допрецизирање на Кривичниот законик во врска со овие дела, од Јавното обвинителство велат дека ги поддржуваат предлозите.