Српската православна црква (СПЦ) денеска го избра новиот поглавар, Порфириј, кој доаѓа на местото на Иринеј кој почина од компликации со ковид-19. Освен што ова е важна вест за северниот сосед, новиот поглавар на СПЦ е од интерес и за Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), особено што периодов е актуелна и поканата на вселенскиот патријарх Вартоломеј да посредува меѓу двете страни за надминување на спорот околу автокефалноста на МПЦ.

Долгогодишниот новинар и добар познавач на црковните прашања Бранко Ѓоргевски смета дека новиот поглавар нема да донесе голема промена во однос на ставот на СПЦ кон МПЦ. Ѓоргевски вели дека иако е избран нов поглавар, кој е релативно млад, тој е претставник на конзервативната струја.
Според Ѓоргевски, новоизбраниот поглавар Порфириј е духовно чедо на епископот бачки Иринеј, кој исто така беше кандидат за поглавар, но е и познат по неговите тврди ставови во однос на прашањето со МПЦ. Ова би значело дека тој ќе има силно влијание врз работата на новиот поглавар.

„Промени во генералниот став на СПЦ во однос на МПЦ не може да се очекува. Од тројцата кандидати кои беа во тесниот избор, сите беа претставници на конзервативната струја. Тие се изборија во таа трка да не влезе некој полиберален, за на крај и воопшто да не биде важно кој ќе биде избран. И понатаму ќе се носат колективни одлуки и ставови. Нашиот пат за решавање на спорот сметам дека треба да го бараме преку Вселенската патријаршија“,
вели Ѓоргевски.
На иста линија во анализите како Ѓоргевски е и неговиот колега, новинар и експерт за црковните прашања, Марјан Николовски. Тој вели дека новиот српски патријарх Порфириј е растен и созреван во црквата токму преку епископот бачки Иринеј и МПЦ не може и не треба да очекува ништо ново во поглед на нејзиниот статус и решавањето на прашањето на нејзината автокефалност.

„Времето ќе покаже. Но можеби МПЦ ќе се соочи со поголем притисок и проблем од новиот српски патријарх во процесот на решавање на нејзиниот статус преку Вселенската патријаршија. Епископот бачки Иринеј и досега беше патријарх во сенка и така ќе продолжи и понатаму. Иринеј е најголемиот противник на каква било идеја епархиите на МПЦ да бидат одвоени од духовната патријаршија во Белград. Тој е творецот на паралелната македонска црква на Вранишковски и е човек од голема доверба на Руската православна црква“,
вели Николовски.
Николовски додава дека ако се следат сите досегашни чекори на епископот бачки Иринеј, заедно со своите поддржувачи, меѓу кои и новиот поглавар Порфириј, сосема е јасно дека македонските владици треба конечно да прекинат да градат надежи дека од север ќе дува топол ветер.
Новиот избраник ќе биде 46. патријарх, а во игра беа епископот бачки Иринеј, епископот будимљанско-никшиќки Јоаникиј, бањалучкиот епископ Јефрем, митрополитот дабро-босански Хризостом и веќе избраниот митрополитот загрепско-љубљански Порфириј.

Овој избор беше поразличен од претходните со тоа што првпат седницата на Саборот, наместо во зградата на Патријаршијата, се одржа во храмот „Свети Сава“ на Врачар во Белград. Причината за оваа промена е пандемијата предизвикана од ковид-19, а според објаснувањата во „Св. Сава“ биле исполнети сите условите за одржување на потребното растојание на присутните.
Хронологија на спорот меѓу СПЦ и МПЦ
Околу 50 години трае спорот меѓу Српската православна црква (СПЦ) и Македонската православна црква (МПЦ), односно непризнавањето на автокефалноста на МПЦ од страна на СПЦ.
Во 1920 година српската влада ги купува македонските епархии од Цариградската патријаршија и претежно врз овој акт се темели правото на СПЦ како црква-мајка на МПЦ. Во развојот на настаните има еден исклучок во периодот од 1950 до 1959 година, кога тогашниот српски патријарх Викентие работел на решавање на прашањето за автокефалност на МПЦ. Тогаш, Светиот архијерејски синод на СПЦ дава согласност македонските епархии да се издвојат во самостојна Македонска православна црква која ќе се управува според свој, новодонесен Устав, предводена од сопствен црковен поглавар – архиепископ. Но, набргу потоа, оваа одлука почнува да се игнорира, што доведува до револт кај македонското црковно братство и во 1967 година ја прогласува МПЦ за автокефална, како наследничка на обновената Охридска архиепископија. Оттогаш МПЦ чека признавање од СПЦ.
Неодамна, за овој спор се заинтересира и германската фондација „Конрад Аденауер“, блиска на германската демохристијанска партија ЦДУ. Во нивната анализа, потпишана од д-р Отмар Еринг, координатор на Фондацијата за меѓународен верски дијалог, се вели дека судирот меѓу СПЦ и МПЦ не е резултат на распадот на Југославија, туку создаден на крајот на 1960-тите години и е дел од наследството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Социјалистичка Република Македонија.

Новиот поглавар на СПЦ е важен за решавање на спорот со МПЦ
Авторот оценува дека изборот на новиот патријарх на СПЦ несомнено ќе има големо значење и за внатрешната и за надворешната политика.
„За внатрешната политика, важно прашање е дали во иднина, СПЦ ќе има патријарх кој ќе го одржува националистичкиот курс или тој ќе се движи во друга насока, можеби дури и да демонстрира независност во внатрешната политика и да се покаже како модернизатор на СПЦ. Што се однесува до односите со соседите, изборот на нов патријарх ќе биде исто така многу важен за продолжување на дијалогот и, во идеален случај, решавање на конфликтот меѓу СПЦ и МПЦ“,
се наведува во анализата.
Во октомври 2020 година, Вселенскиот патријарх одби да ја потврди автокефалноста на Македонската православна црква, коментирајќи дека не станува збор за автокефалноста, туку за лекување на расколот меѓу двете страни. Сепак, Вартоломеј се понуди да посредува. Тој предложи претставниците на СПЦ и МПЦ да се состанат во Белград, што МПЦ го одби, наведувајќи дека тие не се чувствуваат безбедно таму. Вселенскиот патријарх тогаш ги покани двете страни на состанок во Истанбул, но во меѓувреме, на 20 ноември 2020 година, почина патријархот на СПЦ Иринеј, така што состанокот не можеше да се одржи до изборот на новиот поглавар на СПЦ.
Во анализата на Еринг, се споменува и можната средба меѓу СПЦ, МПЦ и Вартоломеј, но тој се задржува на тоа дека останува штетата од долгогодишниот конфликт меѓу двете цркви.
„Дури и ако судирот меѓу двете цркви се реши со посредување на Вселенската патријаршија, сепак, останува еден голем проблем: огромната штета предизвикана од долготрајниот конфликт меѓу Македонија и Србија на политичко и социјално ниво мора да се надмине со дијалог. За да се стори тоа, и на двете страни им е потребна секако поддршка и разбирање од упатените модератори и посредници“,
вели Еринг во анализата.

Кој е Порфириј?
Порфириј припаѓа во редот на младите епископи во СПЦ, роден е на 22 јули 1961 година, а по завршувањето на основно и средно образование дипломира на Православниот богословски факултет во 1986 година.
За време на постдипломските студии престојува во Атина, кога по епископот бачки Иринеј доаѓа во манастирот „Свети Архангел“ во Ковиљ, каде што е поставен за игумен.
Во 2014 година Светиот архиерејски сабор на СПЦ на мајското заседание го избира Порфириј за загрепско-љубљански митрополит.
*Поврзани вести:
МПЦ-ОА пред признавање на автокефалноста под еклисиолошкото име Охридска архиепископија
Спасовски по средбата со Вартоломеј: Сакаме решение за МПЦ, но одлуките не ги носи Владата
Московска патријаршија: Се планира признавање на МПЦ, Вартоломеј ќе ѝ забие нож во грб на СПЦ