Македонската православна црква би можела да се надева на признавање на автокефалноста и излегување од состојбата на раскол со останатите православни цркви под еклисиолошкото име Охридска архиепископија.
Во ваков дух е напишано соопштението од Вселенската патријаршија по вчерашната средба на патријархот Вартоломеј со премиерот Оливер Спасовски и експремиерот Зоран Заев.
„Целта на посетата беше да се разговара за црковниот проблем на земјата. За време на разговорот беа поставени прашањата и напредокот на фазите на ова прашање, како и волјата за враќање на оваа црква во канонско единство под името Охридска архиепископија, а по поднесеното барање до мајката црква пред извесно време. Во врска со ова се одлучи да се поканат во седиштето на Екуменската патријаршија претставници на СПЦ и на црквата на оваа земја заради консултации и обиди за изнаоѓање заемно прифатливо решение“,
пишува во вчерашното соопштение од Вселенската патријаршија.
Според доброупатен извор, средбата меѓу претставници на СПЦ и МПЦ-ОА во седиштето на Вселенската патријаршија во Истанбул би требало да се очекува кон крајот на февруари. Ако овој состанок помине во посакуваната атмосфера, вселенскиот патријарх Вартоломеј е подготвен напролет да испрати свој емисар на сослужување со македонските владици во Охрид, што би бил гест на практично признавање на МПЦ-ОА. Формалното признавање на автокефалноста со врачување томос од патријархот Вартоломеј, во најдобар случај, би дошло до крајот на 2020 година.
Интересот на вселенскиот патријарх, кој се смета за врховен старешина во целата православна екумена, доаѓа по потпишувањето на Договорот од Преспа, проследено со две формални барања од македонска страна – едното во мај 2018 година и второто во ноември 2019 година.
Паралелно, вели истиот извор, се води црковно-световна дипломатија и со Српската православна црква (СПЦ) и со политичкото раководство на Србија, зашто желбата и на МПЦ-ОА и на Вселенската патријаршија е прашањето да се затвори со согласност на СПЦ.
Црквата официјално би била признаена под името Охридска архиепископија, а во државата и во епархиите во дијаспората би продолжила да го користи името МПЦ-ОА.
Инаку, проблемот со признавањето трае од 1967 година кога МПЦ се прогласи за автокефална, чин кој од српската и од другите црква се смета за расколнички.