Патријархот Вартоломеј ќе ѝ забие нож во грб на Српската православна црква (СПЦ), реагираат од Московската патријаршија по информациите дека Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) е пред признавање на автокефалноста.
„Цариград планира да легализира уште еден раскол. Патријархот Вартоломеј ја поддржа жалбената постапка на Македонската православна црква. Очигледно е дека се става во функција на политичките елити кои ја користат религијата за свои цели. Тоа, всушност, е забивање нож во грб на СПЦ на која веќе ѝ се заканува прогон во Црна Гора“, изјавил портпаролот на Московската патријаршија Владимир Лејгода, а пренесува руската новинска агенција „Спутник“.
Лејгода навел и дека целта на неодамнешната средба на Вартоломеј со техничкиот премиер Оливер Спасовски и со поранешниот премиер Зоран Заев била да се разгледа можноста за признавање на црквата под името Охридска архиепископија.
„360 степени“ пред два дена пишуваше дека Македонската православна црква би можела да се надева на признавање на автокефалноста и излегување од состојбата на раскол со останатите православни цркви под еклисиолошкото име Охридска архиепископија.
Во таков дух беше напишано соопштението од Вселенската патријаршија по средбата на патријархот Вартоломеј со Спасовски и Заев.
„Целта на посетата беше да се разговара за црковниот проблем на земјата. За време на разговорот беа поставени прашањата и напредокот на фазите на ова прашање, како и волјата за враќање на оваа црква во канонско единство под името Охридска архиепископија, а по поднесеното барање до мајката црква пред извесно време. Во врска со ова се одлучи да се поканат во седиштето на Екуменската патријаршија претставници на СПЦ и на црквата на оваа земја заради консултации и обиди за изнаоѓање заемно прифатливо решение“, пишува во соопштението од Вселенската патријаршија.
Според доброупатен извор, средбата меѓу претставници на СПЦ и МПЦ-ОА во седиштето на Вселенската патријаршија во Истанбул би требало да се очекува кон крајот на февруари. Ако овој состанок помине во посакуваната атмосфера, вселенскиот патријарх Вартоломеј е подготвен напролет да испрати свој емисар на сослужување со македонските владици во Охрид, што би бил гест на практично признавање на МПЦ-ОА. Формалното признавање на автокефалноста со врачување томос од патријархот Вартоломеј, во најдобар случај, би дошло до крајот на 2020 година.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.