На регионот на Еврос денеска биле спречени над 1.800 обиди за нелегален влез на грчката територија, информираат владини извори, пренесе МИА.
Информациите се за периодот од 6 часот наутро до 18 часот попладнево. Според истите извори, уапсени се осум лица, од кои седум се од Авганистан, а еден од Сирија.
Од саботата наутро заклучно со попладнево, нелегален влез во Грција од Турција бил спречен во 36.649 случаи, а уапсени се вкупно 252 лица.
Според истите информации, повеќето уапсени лица од саботата наутро до денеска во шест часот се од Авганистан (64 отсто), 19 проценти се од Пакистан, пет отсто од Турција, од Сирија се четири проценти, 2,6 отсто од Сомалија, а останатите 5,4 отсто од Ирак, Иран, Мароко, Етиопија, Бангладеш и Египет.
Челните луѓе на институциите на Европската Унија пред два дена одлучија да дадат финансиска помош за Грција од 700 милиони евра за решавање на мигрантското прашање.
Дополнително Европската агенција и крајбрежна стража „Фронтекс“ ќе ѝ помогне со гранични полицајци, бродови, авион и хеликоптери.
Напливот на мигранти и бегалци дојде откако Турција реши повеќе да не ги запира оние што по копнен пат и по море заминуваа кон Европа, поради нападот врз нејзините сили во Идлиб каде што загинаа повеќе од 30 турски војници.
Ердоган: Ќе им помогнеме на сириските бегалци да се вратат во татковината
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин денеска во Москва по шестчасовни разговори постигнаа договор за решавање на кризата во сириската провинција Идлиб.
На заедничката прес-конференција Ердоган вети дека Анкара „ќе им помогне на сириските бегалци да се вратат во својата татковина“.
Истовремено, Ердоган истакна дека Турција го задржува правото да одговори на евентуални дејствија на сириските воени сили.
„Турција го задржува правото да одговори на каков било напад од страна на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад со свои сили“,
нагласи турскиот лидер.
Москва и Анкара постигнаа денеска договор да создадат безбедносен коридор во провинцијата Идлиб, во реонот на сирискиот автопат М4.
„Страните се согласија да создадат заштитен коридор шест километри северно и шест километри јужно од автопатот М4. Конкретните параметри за функционирањето на безбедносниот коридор ќе ги договорат министерствата за одбрана на Руската Федерација и на Турција во рок од седум дена“,
се наведува во договорениот документ меѓу Турција и Русија.
Од 15 март двете земји ќе започнат заедничко патролирање низ автопатот М4 во Сирија од населбата Тромба до селото Аин ал-Хабр.
Путин: Ќе се бориме против тероризмот
Русија и Турција ја изразија својата подготвеност да се борат со сите појави на тероризам.
„Изразивме неопходност да се почитуваат принципите на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија. Исто така, убедени сме дека не треба да дозволиме ослабнување на борбата против меѓународниот тероризам“,
додаде рускиот претседател Владимир Путин.
Борбите во сириската провинција Идлиб е договорено да прекинат денеска на полноќ.
На крајот Путин му заблагодарил на Ердоган за посетата, нарекувајќи ги разговорите за Сирија „тешки“, но нагласи дека тие завршиле позитивно.
„Сакам да му се заблагодарам на господинот Ердоган што дојде денеска во Москва и го потврди нивото на нашите односи. Сакам да им се заблагодарам на сите турски колеги за напорната, тешка, но конструктивна работа, која заврши, според мое мислење, со позитивен резултат“,
додаде рускиот лидер.