Министерот вели дека се во постојана комуникација со стопанските комори, синдикалците, трговците и производителите и дека изработката на новогодишната кошничка е веќе при крај

На крајот на идната недела ќе биде објавена новогодишната кошничка со прехранбени производи, вели министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Кошничката, во која ќе има над 600 производи, ќе важи еден месец, но повеќе детали за неа Дурмиши најави дека ќе даде идната недела.
Тој вели дека се во постојана комуникација со стопанските комори, синдикалците, трговците и производителите и дека изработката на новогодишната кошничка е веќе при крај.
Пред новогодишната, во октомври годинава, еден месец на сила беше есенската кошничка во која имаше ограничување на бруто-профитната маржа на дел од основните прехранбени производи за 10 отсто во трговијата на мало и на големо.
Есенската кошничка траеше до 31 октомври, а потоа имаше покачување на цените иако надлежните најавуваа дека жестоко ќе се спротивстават на поскапувањата.
